Судијата кој го води предметот за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци има можност да го казни Бирото за судски вештачења од каде е ангажиран вештакот Зеќирија Зекири или да нареди да биде спроведен во суд, доколку нема соодветна медицинска документација.
Но, тоа најверојатно нема да се случи бидејќи судот ја прифати неговата медицинска документација, а обвинителот прифати супервештачењето да го образложуваат другите вештаци од Бирото за судски вештачења.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се испитуваше вештото лице Јованка Савова. Савова е дел од тимот што го изготви супервештачењето кое судот го нарача во декември 2021 година.
На прашања од бранителот на шестообвинетиот, Савова одговори за начинот на кој се стекнала со лиценца за вештачење. Не полагала за лиценца туку, со искуство од пет години во Бирото за супервештачење, формално се стекнала со неа, како што своевремено дозволувал законот.
Потоа бранителот ја испрашуваше во врска со техничките прегледи на автобусот и начинот на кој што се извршени.
Зеќири четврто рочиште со ред не се појавува во судот со обрзложение дека е болен. Во меѓувреме во јавноста објавени се негови слики во седиштето на ДУИ. Судскиот процес за несреќата во којашто загинаа 16 лица трае четири години.