Основниот суд Скопје 1 се повикува на три точки од Кривичниот законик како основи при одлуката да им определи притвор на шестмината пратеници осомничени за тероризам и загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Судијата на претходна постапка утврдил дека има опасност осомничените да се вдадат во бегство, потоа дека има основан страв дека ќе скријат, фалсификуваат или уништуваат траги од кривичното дело, да влијаат на сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи.
Судот се повикува и на третата точка од членот 165 од Кривичниот законик која предвидува определување на мерка притвор доколку постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.
Собраниската комисија за мандатно имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањето од судот за одобрување на притворот. Извештајот од Комисијата потоа треба да биде разгледуван на пленарна седница, а за барањето да биде одобрено потребен е гласот на просто мнозинство. Собраниската процедура не може да трае повеќе од пет дена.
Инаку притворот за Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски го одредила судијката Весна Димишкова, додека на Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска притвор им одреди судијата Ненад Савески.