Судот го одби барањето на масовниот убиец Брејвик за ослободување од затвор

by fokus

Норвешкиот суд денеска соопшти дека го одбил барањето на масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик за предвремено ослободување од затвор, каде издржува казна за убиството на 77 луѓе, најголемото злосторство што во мирновременски услови се случи во оваа нордиска земја, објави новинската агенција НТБ, повикувајќи се на пресудата.

На 22 јули 2011 година, неонацистот и исламофобот Брејвик уби осум луѓе со автомобил-бомба во Осло, а потоа уште 69 лица, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја.

Неговиот адвокат за НТБ изјавил дека Брејвик ќе поднесе желба на денешната одлука на судот.

Инаку, ова беше второ барање на осудениот масовен убиец за негово условно ослободување.

Барањето беше разгледано од судот минатиот месец, а на рочиштето Брејвик тогаш изјави дека нападот бил „неопходен“.

Четириесет и петогодишниот Брејвик досега има отслужено 13 од вкупно 21-годишната затворска казна, максимална во времето кога ги изврши злосторствата, а која може да се продолжува сè додека тој се смета за закана за општеството.

Според норвешките закони, убиецот може да поднесе барање за условно ослободување една година по секое одбивање на претходното барање.

Брејвик се обиде и да ја тужи норвешката држава тврдејќи дека држењето во изолација ги крши неговите човекови права.

Поврзани новости