Само народот може да донесе партија на власт, а тој факт го заменемари СДСМ, кој дојде во судир со мнозинството граѓани, надевајќи се дека се меѓународната заедница ќе ја одржи на власт. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт благодарение на убедлива граѓанска поддршка, и тоа во услови во конфликт со меѓународната заедница. Меѓутоа, Македонија е премногу мала за да функционира изолирано на долг рок, па затоа неминовно е да се следи стратешкиот правец на геополитичката сцена. Оттука, Мицкоски ја научил лекцијата од своите противници, кои се оттргнаа од народот, но треба да видиме дали научил од грешките од своите претходници, чија политичка кариера заврши по судир со меѓународната заедница.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Кога веќе се наѕираше заминувањето на Никола Груевски од челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и генерално од политиката, новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски, тогаш во својство на партиски генерален секретар објаснуваше кои карактеристики треба да ги има идниот вмровски лидер.
–Првиот столб е да биде лик што ќе биде прифатен од базата. Вториот столб е да има позитивна перцепција во јавноста. И третиот столб е да биде прифатен од меѓународната заедница – говореше Мицкоски, додавајќи дека идниот лидер мора целосно или макар приближно да ги исполнува овие услови.
Набргу потоа, Груевски најави повлекување откако падна во опозиција по парламентарните избори во 2016 година и особено откако убедливо загуби на локалните избори следната 2017 година. Па така, негов наследник, како што и се очекуваше, стана токму Мицкоски, чиј пат претходно филигрански прецизно се трасираше до врвот во Белата палата.
Имајќи ги во предвид неговите претходни тврдења, тој очигледно за себе сметал дека ги исполнува трите услови за да раководи со ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се, да повториме, поддршка од базата, т.е. членството, позитивна перцепција во јавноста, или во превод интегритет и кредибилитет наместо корумпираност и криминализираност, и на крајот – прифатеност од меѓународната заедница.
Сепак, уште тогаш имаше сомнежи дали е баш така? Имено, факт е дека Мицкоски првично не беше радо прифатен од партиските структури и членството. На почеток, многу партиски функционери и авторитети јавно изразуваа сомнежи околу лидерството на новиот фронтмен, па дел од нив дури се потсмеваа со многу негови искази, како, на пример, оној за водење на математички прецизна политика.
Ништо поразлична не беше ниту сликата за Мицкоски во пошироката јавност, во чии рамки, исто така, постоеја сомнежи дали Мицкоски ќе може да раководи со ВМРО-ДПМНЕ независно од влијанијата на претходното раководство, како и дали има капацитет да постигне политички успех. Не беа исклучок ниту сомнежите за неговата чесност и искреност, пред се кога почнаа да излегуваат информации околу неговото учество во бизнисот со хидроцентрали.
Она што единствено не може да се утврди е дали Мицкоски имал поддршка од меѓународната заедница во таа првична фаза од неговото устоличување во чело на ВМРО-ДПМНЕ? Општо познато е дека т.н. Запад беше против автократското владеење на Груевски, кое резултираше со „заробена држава“, меѓутоа нејасно е дали Мицкоски бил фаворитот на „странците“ за нов вмровски лидер. Тоа е што е дефинитивно сигурно е дека тие не навиваа тој да стане премиер 7 години подоцна…
Што се случуваше во меѓувреме? Првиот посериозен тест за Мицкоски беше референдумот во 2018 година за Преспанскиот договор што го испреговара Владата на СДСМ и ДУИ, без притоа да обезбеди поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На тој референдум, Мицкоски и неговите соработници беа за бојкот, но таквиот став не го соопштуваа се до последен миг, односно до самиот ден на гласање.
Тогаш, ова однесување главно се толкуваше како свесно тактизирање, со цел, од една страна, да се остане сообразен со расположението на мнозинството граѓани, кои не прифаќаа промена на уставното име за севкупна употреба, а, од друга страна, отпорот кон овој процес, да не се демонстрира на експлицитно, туку само симболично, со цел да не се иритира премногу меѓународната заедница, чиј стратешки интерес беше земјава да стане дел од НАТО.
Армо ама, тоа можеби бил планот на Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но, како што обично бидува, есапот дома никогаш не излегува на пазар. Всушност, тоа се потврди на претседателските избори во 2019, но и на парламентарните избори во наредната 2020 година, кога прво победи претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, кои потоа успеаа да формираат и Влада.
И покрај победата, овие избори беа симптоматични за СДСМ, бидејќи на нив почна веќе да бележи тенденција на опаѓање на поддршката. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да победи, од проста причина што кај нив се уште немаше доволен силен раст кој би ги факторизирал на политичката сцена до мера да бидат во состојба да формираат парламентарно мнозинство. Зошто тоа беше така?
Едноставно, играњето топло-ладно во однос на Преспанскиот договор, кон консултативниот референдум и кон цел процес на промена на името во замена за членство во НАТО (плус преговори со ЕУ), што, за потсетување, се случи и со помош на поддршката на 8 одметнати пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и нивната предизборна коалиција, не го донесе посакуваниот ефект.
Поради калкулантскиот однос, ВМРО-ДПМНЕ остана без свои тврдокорни поддржувачи, кои партијата почна да ги губи уште откако Груевски го осуди упадот во парламентот на „крвавиот четврток“, а таквиот тренд го засили неодлучноста на Мицкоски во однос на т.н. национални прашања. Додека партијата губеше сигурни гласачи, истовремено не привлече нови контингенти на неопределени или разочарани гласачи од тогашната власт.
Соочени со ваквата реалност, која укажуваше дека ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи со истото поведение нема наскоро да го направи пресудниот исчекор кон СДСМ, бидејќи, меѓу другото, целото незадоволство од власта го прибираше популистичката Левица, Мицкоски мораше да го изостри наративот и практично да се радикализира. Сето тоа кулминираше со отпорот кон „францускиот предлог“, што подоцна се преточи и во преговарачка рамка за преговори со ЕУ.
Доколку кон промената на уставното име ВМРО-ДПМНЕ се однесуваше суштински конструктивно, бидејќи не го опструираше процесот, „францускиот предлог“ жестоко го критикуваше, обвинувајќи ја власта за предавство на државните интереси. На таа линија партијата остана доследна, дотолку повеќе што не попушти под притисокот да овозможи двотретинско мнозинство за уставни измени, што впрочем е услов за отворање на преговарачките поглавја.
Со промената во пристапот, ВМРО-ДПМНЕ јавна на бранот на етнонационализмот и убедливо победи на последните парламантарни избори, иако, за волја на вистината, конечниот исход се должи и на перцепцијата за подреденоста на СДСМ кон ДУИ, за лошиот перформанс на Владата во виталните сектори, за лошиот однос на социјалдемократите кон сопственото членство и низа други фактори.
Што е поентата на оваа хронологија? Бездруго, таа покажува дека Мицкоски со тек на време го етаблираше лидерството во рамки на партијата, па дури може слободно да се каже дека го зголеми личниот рејтинг во пошироката јавност, за денес дури да предничи на анкетите како најпопуларен политичар. Меѓутоа, тој целосно го занемари третиот столб за кој говореше на почеток – прифатеност од меѓународната заедница.
После неговата убедлива изборна победа, „странците“ си легнаа на брашното и, сакале-нејќеле, ќе мора да го почитуваат изборниот резултат и да соработуваат со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а големо олеснување во таа насока е омекнатата позиција на новата власт кон придавката „Северна“. Но, само да се потсетиме како беше пред изборите, кога највисоки западни претставници директно го поддржуваа Димитар Ковачевски, порачувајќи дека од Мицкоски не би купиле ниту автомобил, а не па да гласаат за него.
Сепак, испадна дека ваквиот афирмативен однос однадвор кон СДСМ и конфронтацијата со ВМРО-ДПМНЕ само го засилија падот на власта и ги забрзаа политичките промени. Сакајќи да му помогнат на своето „милениче“ СДСМ, тие сериозно му наштетија, истовремено давајќи му ветар во грб на „лошото дете“ ВМРО-ДПМНЕ, чии последни потези сериозно го дразнеа и иритираа Западот.
Откако веќе еднаш се преигра во периодот со Преспанскиот договор, Мицкоски подобро од било кој друг сфати дека „странците“ нема да му помогнат да дојде на власт, туку тоа може да го стори со поддршка од граѓаните. И, тоа не е далеку од вистината, од проста причина што граѓаните гласаат на избори. Но, треба да се има на ум дека тие можеби носат власт, но меѓународната заедница може да земе власт.
Во тој контекст, има еден заеднички именител за претходниците на Мицкоски. Првиот партиски лидер Љубчо Георгиевски падна од власт после воениот конфликт во 2001 година, кога фактички влезе во отворен судир со меѓународната заедница, обвинувајќи ја дека се ставила во поддршка на ОНА. Овој конфликт со „странците“ може не беше клучен за падот на Георгиевски, меѓутоа несомнено ја запечати неговата судбина.
Патем, ваквата констатација уште повеќе важи за неговиот наследник Груевски. И покрај сите компромитирачки материјали и „бомби“ за него и неговата свита, сепак тој победи на парламентарните избори во 2016 година. Иако потоа влезе во преговори со ДУИ, со кои речиси си подадоа рака за формирање на нова Влада и продолжување на долгогодишното партнерство, на крајот се случи пресврт.
Наводно, „интегративците“ на маратонските заседанија во Мала Речица ги мереа аргументите „за“ и „против“ продолжување на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, но во реалноста и малите деца знаат дека добиле јасна порака да го раскинат деценискиот пакт со Груевски и да се здружат со Зоран Заев, кој однадвор бил профилиран како конструктивен фактор. А, од кого добиле таква сугестија, не е тешко да се претпостави.
На крајот, ДУИ формално му пресуди на ВМРО-ДПМНЕ по 10 години да замине во опозиција, а Груевски го испрати со една нога во пензија, и тоа како изборен победник. Сепак, падот на ВМРО-ДПМНЕ и доаѓањето на СДСМ не беше автохтона и изворна одлука на ДУИ, туку оваа партија беше само инструмент во рацете на меѓународната заедница или „светскиот полицаец“, кој ја реализираше агендата на која долго се работело.
Што треба да се заклучи? Само народот може да донесе партија на власт, а таквата реалност ја заменемари СДСМ, кој дојде во судир со мнозинството граѓани, надевајќи се дека се меѓународната заедница ќе ја одржи на власт. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт благодарение на убедлива граѓанска поддршка, и тоа во услови во конфликт со меѓународната заедница.
Меѓутоа, Македонија е премногу мала за да функционира изолирано на долг рок, па затоа неминовно е да се следи стратешкиот правец на геополитичката сцена. Оттука, Мицкоски ја научил лекцијата од своите противници, кои се оттргнаа од народот, но треба да видиме дали научил од грешките од своите претходници, чија политичка кариера заврши по судир со меѓународната заедница.
Односно, главното прашање е дали идниот премиер ќе успее да најде баланс меѓу дома (граѓани/гласачи) и надвор (меѓународна заедница/стратешки партнери). Во спротивно, ако и тој влезе во судир со светот, судејќи според минатото искуство, неговата последна изборна победа ќе биде безначајна исто како и историската победа на Георгиевски во 1998 година и исто како и редицата изборни триумфи на Груевски во текот на една деценија, бидејќи, нели, крајот го краси делото.