1.8K
Советникот во Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Пандев, истовремено е и управител на градежната компанија Жикол, што се коси со Законот за спречување на судир на интереси.
Имено, овој закон забранува службено лице и јавен функционер истовремено да биде управител или дел од органите на управување на трговско друштво, па доколку лице со менаџерска позиција во компанија стапи на јавна функција, законот налага да го отстапи управувањето на друго лице.
По информација на Фокус, Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси во средината на фебруари оваа година отвори предмет за овој случај, меѓутоа до денес нема епилог, имајќи во предвид дека Пандев се уште е на двете позиции.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека сопственик на оваа градежна компанија, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради, е Живко Пандев, кој воедно е и управител на друштвото.
Но, според тековната состојба на друштвото, управител со еднакви овластувања, кој може да настапува самостојно и независно во правниот промет и односите со трети лица, е и неговиот син Никола Пандев, кој на локалните избори во 2013 година беше избран за член на струмичкиот совет како дел од листата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту од антикорупциската комисија, ниту од градежната компанија не одговорија на нашето прашање дали било побарано Пандев да се повлече од советничката или менаџерската функција, од причина што тие се неспоиви.
Инаку, Фокус пред неколку месеци пишуваше дека оваа компанија со долгогодишна традиција почнува да доживува подем од 2012 година, откога склучува десетици договори за јавна набавка, чија вредност достигнува скоро 50 милиони евра.
Покрај тоа, компанијата склучила и 4 договори за концесија за минерални суровини во 2011 и во 2014 година, од кои се однесуваат за експоатација на песок и чакал, а 2 за експлоатација на варовник.
Паралелно со тендерите и концесиите, растеле приходите и профитот на компаниите, кои, како што откриваат финансиските извештаи на компанијата, во последните години достигнале над 20 милиони евра (вкупни приходи), односно скоро 3 милиони евра (добивка), што значи дека се зголемиле за двојно во споредба со периодот претходно.
Од Жикол неодамна ни изјавија дека токму поради избегнување на евентуален судир на интереси, компанијата во последните неколку години не учествува на тендери објавени од страна на Општина Струмица.
„Слободната волја на било кој вработен да даде свој придонес во општествено политички живот, го респектираме како лично право и токму затоа во нашата компанија со близу 500 вработени најверојатно има членови на поголем број на политички партии. Точно поради тоа сметаме дека е некоректно на компаниите да им се придава припадност кон одредена политичка партија“, истакнаа од компанијата.
Експертите што ги консултиравме велат дека законот налага секој јавен функционер што паралелно е управител на трговско друштво мора да се откаже од едната позиција, дури и кога се работи за општински советник, кој прима ниски паушали.
В.С.