Судир на два товарни брода: едниот потонат, има мртви и исчезнати

by Fokus

Два товарни брода се судрија во Северното Море кај брегот на Германија и еден потона, соопштија германските власти, наведувајќи дека според досегашните податоци еден морнар загинал, а за четворица се трага.

Бродовите се судрија пред зори на 22 километри југозападно од островот Хелиголанд, соопшти германската Централна поморска команда за вонредни состојби. Засега нема извештаи за причината за несреќата.

Набргу по судирот потона бродот „Верити“ (Верити) со седум членови на екипажот, под британско знаме, долг 91 метар, кој превезувал челични калеми од Бремен, Германија до англиското пристаниште Имингем.

Двајца морнари се спасени од превртениот брод, едно тело е извадено од морето, а четворица се сметаат за исчезнати, соопшти германската команда.

Спасувачите ја разгледуваат можноста исчезнатите лица да се уште се во потонатиот брод и планираат да испратат нуркачи до потонатиот брод, кој е на мала длабочина од околу 30 метри, за да проверат дали има знаци на живот, но времето е многу лошо и видливоста е мала под вода.

Поврзани новости