Скопјанец во близина на угостителски објект во Чаир каде имало матурска прослава (со гости полициски функционери) пукал со пиштол во воздух затоа што полициска патрола вршела контрола и го сопрела неговиот познаник поради незаконско користење на флешери на автомобилот, пренесува Телма.
Во инцидентот кој се случил синоќа нема повредени, а скопјанецот кој пукал во воздух денеска се предал на полицијата и против него ќе биде покрената соодветна постапка, потврдија од МВР.
Полициски тим од ЕБР Чаир во кој бил и началникот на оваа единица на МВР го сопреле возачот затоа што имал флешери- ротациони светла на автомобилот од марката мицубиши.
Потоа почнале да се собираат гости од ресторанот. Возачот на сопреното мицубиши се претставувал дека работи за заменик-директорот, а по телефон го повикал заменик директорот на БЈБ Ариф Асани за да влијае на полицискиот началник и да го пушти, објаснуваат сведоци за Телма.
Истрагата сега утврдува дали насилниот скопјанец сакал да го застрела началникот или пукал во воздух. По истрелот тој е совладан, но сепак успеал да избега од местото на инцидентот. Една од верзиите е дека заменик директорот Асани наредил да биде пуштен пиштолџијата по што тој си заминал. Втората верзија е дека групата на уапсениот почнала да ги влече полицајците по што осомничениот успеал да избега.