Судир меѓу полицијата и демонстранти во главниот град на Тунис

by Fokus

Демонстранти во главниот град на Тунис и синоќа, втора вечер по ред, се судрија со полицијата,  откако во петокот беше погребан 24-годишниот Малек Селими, кој починал од повредите здобиени уште во август, за време на полициска потера по него, јавија денеска британските медиуми.

Судирот се случил доцна синоќа, а полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите во сиромашните делови на главниот град, населбите Етадамен и Интилка.

Демонстрантите извикуваа слогани против полицијата и фрлаа со камења по нив.

Семејството на починатиот Селими изјави дека тој починал како последица на повреда на вратот, со која се здобил при пад при полициска потера во август.

Протести се предизвикани и од политичката и економската криза во Тунис, високите цени на прехранбените производи и горивото и нивниот континуиран недостиг. Поради тоа, одвоени протести во главниот град вчера имаше и поделената опозиција која бара оставка од тунискиот претседател бидејќи не ги решил економските и политичките проблеми.

Тунис е во сериозна политичка криза откако претседателот Каис Саид ја презеде извршната власт минатата година и го распушти парламентот.

Поврзани новости