Судијките од „Рекет“ ќе го судат и „Меѓународен сојуз“

by fokus

Истите судијки, Васка Николовска- Масевска и Софче Гаврилова -Ефремова, кои го судат случајот „Рекет“, ќе го судат и случајот за „Меѓународен сојуз“, за кој обвинението неодамна беше прифатено во целост, потврдуваат за „Фокус“ од Кривичниот суд.

Разликата е во тоа што сега судијката Гаврилова -Ефремова е претседател на судечкиот совет, а судијката Николовска -Масевска е втор судија.

Првообвинет во случајот е Бојан Јовановски, а обвинети се и неговиот татко, Миле Јовановски, Јасна Мандиќ, Христина Блажевска, како и пратеничката Фросина Ременски.

Засега не е одреден датум за главната расправа.

Како што неодамна соопшти Јавното обвинителство, со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело.

Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови, за што вкупно искеширале над 1 милион евра.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости