Откако не беше избрана во скопска Апелација, судијката Оља Ристова бара врховните судии да го укинат изборот и да се повтори постапката. Според Ристова, одлуката со која таа како трето рангирана не беше избрана, не била образложена. Таа рече дека членовите на Судски наместо по мерит систем, гласале субјективно.
-Од страна на членовите е искористено нивното дискреционо право и арбитрерност при одлучувњето.Тоа значи дека покрај постоечките критериуми, квалитативни и квантитативни, кои што се предвидуваат со самата методологија и кои што на крајот ги дале резултатите за конечната ранг листа за најдобрите кандидати, Судскиот совет при одлучувањето кај членовите преовладал нивниот субјективен карактер, нивното субјективно размислување на поедини кандидати и на тој начин го извршиле изборот, рече Ристова.
Пред Врховниот суд по жалбата, Ристова заедно со нејзиниот адвокат Владимир Туфегџиќ, на јавна седница посочија дека главната причина е бадентеровото мнозинство во Судскиот совет кое е употребено како механизам за нејзина елиминација, и со кое е овозможено поддршка да добие послабо рангиран кандидат од неа.
„Како адвокат и човек припаѓам на помалата етничка заедница, смтам дека бадентеровото мнозинство не може на ваков начин без образложение да нанесува штета на кандидат од мнозинската заедница. Се стекнува впечаток и се извлекува логичен заклучок според начинот на гласање дека целта е елиминација, а не заштита. Овој кандидат го доби потребното мнозинство на гласови од сите членови на Судскиот човек. Останаа должни членовите на бадентеровото мнозинство, што е тоа што кај нив превагнало да не укажат доверба на овој кандидат, а укажале доверба на кандидатите кои се далеку подолу рангирани и со помали бодови. На тоа се должни да одговорат“ рече Туфегџиќ.
Покрај Ристова, поништување на изборот и негово повторување бараат уште петмина судии кои се пријавиле на огласот.