Врховниот суд, денеска на општа седница, ја продолжи расправата за тоа дали „бомбите“ односно нелегално прислушуваните материјали можат да бидат искористени како доказ во судска постапка. На седницата присуствува Мирјана Лазарова Трајковска, неодамнешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, која беше поканета од претседателот Јово Вангеловски, кој пак го поднесе овој реферат.
Судијката, неодамна во интервју за „Фокус“ истакна дека Врховниот суд мора да се соочи со сериозноста на задачата и не смее да ги запостави веќе донесените одлуки и пресуди и во граѓанските и во кривичните постапки каде македонската судска пракса покажува дека ваков тип на докази биле прифатени и релевантни во тие постапки.
-Сметам дека Врховниот суд мора да се соочи со сериозноста на задачата со која се соочува бидејќи тоа го налага владеењето на правото и силината на јавниот интерес. При тоа не смее да ги запостави веќе донесените одлуки и пресуди и во граѓанските и во кривичните постапки каде македонската судска пракса покажува дека ваков тип на докази биле прифатени и релевантни во тие постапки, изјави неодамна Лазарова-Трајковска.