Судијката Ленка Давиткова која го води „Маџар Телеком“ и „убиството на Пино“ ќе му суди на Милошоски

by fokus

Предметот „Моќник“ во којшто е обвинет пратеникот Антонијо Милошоски е распределен на судијката Ленка Давиткова, но сè уште не е закажано рочиште, соопштија од Кривичниот суд.

Судот вчера соопшти дека обвинението против Милошоски, неговиот татко Милош Милошоски, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев и против дел од членовите на Комисијата е прифатено, што значи дека 13 -те обвинети наскоро ќе седнат на обвинителна клупа.

Судијката Давиткова од предметите кои кои се познати во јавноста ги суди предметот „Маџар телеком“,  а го водеше и судењето за убиството на младиот Пино.

Овој предмет го отвори згаснатото СЈО, а обвинението неодамна го поднесоа обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Како што пишуваше „Фокус“, освен измамата околу нелегалната продажба на објектот во која била сместена општина Пласница, а за багателна цена го купи таткото на Милошоски, со овој случај е опфатена и нарачана лустрација, од тогашниот пратеник Антонио Милошоски. Па затоа, освен за пратеникот, обвинение беше поднесено и за поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.

Според информациите од обвинителството, Милошоски умислено го поттикнал Аџиев да отвори повторна постапка за лустрација на судијата Драги Билески од Кичево.
Судијата беше лустриран, а потоа и разрешен. Тој, за жал, не дочека своите лустратори да ги види на обвинителна клупа, бидејќи во меѓувреме почина.

Милошоски се гони за две кривични дела, Измама и Злоупотреба на службената положба и овластување.

Поврзани новости