Судијката Ољ Ристова со 1.000 евра го казни адвокатот Еленко Миланов, кој го застапува Исмет Гури во случајот „Титаник 3“, затоа што не се појави на денешното судење. Поради тоа рочиштето е повторно одложено.
Миланов не се појави во суд затоа што имал рочиште по друг предмет во Тетово.
Во „Титаник 3“ се обвинети функционери на ДУИ за изборни нерегуларности. Освен Исмет Гури, кој беше член на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година, со обвинението е опфатен и Ејуп Алими, актуелен координатор на пратеничката група на ДУИ во Собрание.
Судењето постојано се одложуваше изминативе месеци затоа што координаторот на пратеничката група на ДУИ во неколку наврати беше на службен пат истиот ден кога беа закажани рочиштата.
Новина во Кривичниот суд е тоа што денеска судијката Оља Ристова дозволи медиумите да го снимаат судечкиот совет, што не е пракса на другите судења.
В.В.