Судијката Даниела Димовска поради приватни причини денеска побара да биде изземена од Судечкиот совет во предметот „Титаник“. Претходно, таа побара изземање и од предметот Талир.
Станува збор за двата предмети што и беа распределени, а кои ги водеше судијата Осман Шабани, кој неодамна беше избран за судија во Апелационен суд Скопје.
Пред денешната расправа која беше одложена за 1 март, судијката посочи дека со еден од обвинетите била колешка додека работела во Собранието на Република Северна Македонија, а со друг, како што рече, се познавале од слави.
Предметот „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и беше отворен 2019 година и беше во доказна постапка, како и повторената постапка за случајот „Титаник“ кој започна во 2018 година.
Поради смената на Судечкиот совет двата предмети сега ќе треба да започнат од почеток.
Иако Судскиот совет минатата недела закажа итна седница за да го делегира судијата Шабани назад во Кривичен суд за да ги доврши предметите „Титаник“ и „Талир“, сепак шестмина од членовите на Советот гласаа против.