Судијката Џенета Бегтовиќ, која суди два од предметите на СЈО, а во кои обвинет е Сашо Мијалков, “Таргет-Тврдина” и “Трезор” е прераспоредена во друг оддел, односно од организиран, во кривично полнолетни.
Информацијата за “Фокус” ја потврдија и од Кривичниот суд.
– Точно е дека судијката Бегтовиќ е во кривично полнолетни, а на нејзино место е судијата Илија Трпков, вели претседателот на судот Иван Џолев за “Фокус”.
При вакви случаи, при промена на член на судечкиот совет, судењата треба да стартуваат од почеток, но претседателот Џолев вели дека судијката Бегтовиќ ќе ги доврши овие предмети, со што се избегнува можноста судењата да се вратат од почеток.
Во предметот „Таргет –Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Во случајот “Трезор”, покрај Мијалков обвинети се и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој е во бегство во Солун.
Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на буџетот при набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Валентина Вурмо – Влатко Стојановски