Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека судијата Пајазит Пајазити ја оцрнил судската фела во целост, а молкот на Судскиот совет, според нив, е само доказ зошто треба да биде реформирано ова правосудно тело.
„Ако институциите во правосудството на целата очигледна незаконитост не го разрешат Пајазити, тогаш сами потврдуваат дека се испостава на ДУИ и Филипче. Пајазити не само што го овозможи бегството на Блерим Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети, кој призна дека земал поткуп, дело за кое е предвиден затвор. Пајазити е судијата кој не определи притвор ниту за бандитите кои упаднаа на скопскиот аеродром“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Порачаа дека молкот на правосудните институции за случаите во кои е инволвиран судијата Пајазити е само показател зошто треба да бидат реформирани и повикаа на одговорност.
Инаку, судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити ја донел одлуката Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК, кој минатиот месец беше уапсен на македонско-косовската граница врз основа на потерница издадена од Србија преку интерпол, од ефективен да биде префрлен во куќен притвор од кој побегна.