Судијата Наке Георгиев на чекор да „влезе“ во Судски – запрена постапката што се водела против него

by fokus

Врховниот судија Наке Георгиев на чекор да биде избран за нов член на Судскиот совет како единствен кандидат од врховниот суд. Денеска Судскиот совет на затворена седница ја запрел постапката што се водела против него, отворена минатата година за перидот додека бил претседател на Апелациониот суд во Штип.

-По едно барање за судија, во својство на претседател на апелационен суд, постапката се запира, се вели во дел од соопштението на Судскиот совет.

Наке Георгиев е врховен судија за граѓанска област. Трансферот го направи од позицијата претседател на Апелацискиот суд Штип. Во биографијата на Георгиев е запишано дека станал судија во струмичкиот Основен суд во 1997 година, а во 2004 е избран за судија во штипска Апелација. Претседател на овој суд станал во ноември 2017. Всушност Герогеив напредувал кога СДСМ дошле на власт.

Неговата сопруга е обвинителка во Струмица, а синот заврши на Академијата за судии и јавни обвинители со контроверзната генерација на слушатели, чии имиња се поврзуваа со звучни политички и судски имиња.

Постапката за него е запрена еден ден пред официјално да се потврдат кандидатските листи за двајца нови членови на Судскиот совет, откако врховната судијка Мирјана Радевска Стефкова и Апелациониот судија, Зоран Герасимовски поднесоа оставки по критиките во јавноста од правната фела, но и од амбасадорите.

Освен Георгиев, кандидат за член на Советот е Антоанета Димова која е долгогодишен судија во Граѓанскиот суд и се кандидираше и за Уставен судија. Претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев исто така поднел кандидатура, но не му биле комплетирани документите, па се уште тече рокот да достави целосна документација.

Во среда, според соопштението од Судски совет, ќе се утврдат кандидатски листи по објавен Оглас за избор на членови на Судскиот совет на РСМ и тоа за 1 (еден) член од редот на судиите од апелационо подрачје Скопје и 1 (еден) член од редот на судиите од Врховниот суд на РСМ;

Ќе се формира Комисија за спроведување на избор за членови на Судскиот совет од редот на судиите и судиите ќе гласаат за кандидатите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости