Лазар Нанев, судијата кој лани го прогласи поранешниот градоначалник на Кавадарци, Александар Панов виновен во процесот за изборен поткуп, и му одреди казна од 60 дена затвор или парична казна од 25.000 денари, денес промовираше книга.
Станува збор за делото ,,Фудбалски хулиганизам’’, а автор на истото покрај професор Др. Нанев е и професор Др. Иван Анастасовски.
-Во Република Македонија за жал, би рекол, во изминатиот временски период, а и во текот на изминатите денови се случија настани кои што во негативна смисла го одбележуваат нашето живеење, а тоа е хулиганизам како една највисока форма на неприлагодено однесување на сите оние чинители кои што учествуваат во спортските активности. Се обидовме со мојот драг и почитуван колега, професорот Анастасовски, сето тоа да го сублимираме во една публикација, во една книга преку која сакаме да ги претставиме не само криминолошките аспекти кои што се однесуваат на оваа појава, туку и да ги претставиме сите оние негативни однесувања и влијанија надвор од нашето општествено живеење, вклучувајќи ги препораките кои што треба да се случат за спречување на оваа појава – порача пред присутните Нанев.
Како мало потстетување, веднаш откако беше прогласен за виновен, Панов изјави дека не ја прифаќа пресудата, бидејќи бил во лоши односи со судијата Нанев.
-Очекував ваква пресуда, со оглед на тоа што помеѓу мене и судијата Др. Лазар Нанов одамна владее нетрпение. Ние сме од Кавадарци, се познаваме уште од времето на Фудбалската Федерација. Згрешив многу што не барав негово изземање, сега дефинитивно ќе се жалам на оваа неправедна пресуда – ни изјави тогаш Панов.
Вики Клинчарова