Судијата го стави на „брза лента“ судењето за „Топлик“, за два месеци закажани 15 рочишта

by fokus

Случајот „Топлик“, кој го отвори СЈО, иако беше пред самиот финиш, неодамна почна од почеток. Повторениот старт следуваше по завршувањето на мандатот на еден од поротниците, поради што беше назначен нов.

На повтореното прво рочиште обвинетите и нивните адвокати не се согласија сите дотогаш изведени докази и искази на сослушани сведоци да се прочитаат, со што би се убрзало судењето, туку инсистираа се да се презентира одново, со што буквално паѓа во вода се што досега било сработено во судница во изминатите две години.

Како одговор на ваквото барање на одбраната, судијата Осман Шабани закажа 15 рочишта, 6 во септември и 9 во октомври, со цел повторно да се убрза судењето и побрзо да се дојде до првостепена пресуда.

Поради завршување на мандат на поротник, годинава, од почеток почнаа десетина случаи, од кои дел беа отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Токму поради ризикот од одоговлекување на постапките, со новиот почеток, судијата Владимир Туфегџиќ, уште пред две години предложи да се направат измени на Законот за кривична постапка, со кое ќе се спречи непотребното одоговлекување на судските постапки при промена на член на судечкиот совет.

Согласно чл. 371 ст. 2 од Законот за кривична постапка, во делот на продолжување на главната расправа, поради измена на составот на советот или судија поединец, сегашното законско решение наметнува обврска советот да може да одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа доколку постои согласност на странките.

-Сметам дека треба да се иницираат измени и дополнување на Законот за кривичната постапка, со тоа што ќе се предвиди во членот 371 од ЗКП, дека при промена на составот на судечкиот совет, започнатата кривична постапка непречено ќе продолжи откако на новите членови на постојниот судечки совет на нејавна седница ќе им бидат презентирани дотогаш изведените докази во текот на кривичната постапка, за што ќе се состави записник за одржана нејавна седница на судечкиот совет, притоа да се избришат законските решенија во оваа смисла кои предвидуваат изрична согласност на странките во кривичната постапка по однос на повторното изведување на веќе изведените докази, предлагаше судијата Туфегџиќ, но вакви измени се уште не се направени.

Според обвинението за случајот „Топлик“, првоосомничениот Миле Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според обвинителството, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.
Во овој случај обвинети се уште петмина вработени во Министерството за транспорт и врски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости