Судијата Беџети, од црната листа на САД, го застаре предметот ,,Таргет” за масовното прислушување во УБК

by fokus

Апелациониот судија Енвер Беџети, кој се најде на црната листа на САД, точно пред една година беше актуелен во јавноста, бидејќи тогаш се дозна дека, како судија известител, со месеци го чувал предметот на СЈО за масовното прислушување во УБК, ,,Таргет” во фиока, по што застари.

Апелација, меѓу другото, тогаш требаше да расправа за 12-годишната затворска казна за екс директорот на УБК Сашо Мијалков, изречена со првостепената пресуда, но предметот заглави во фиоката на судијата, па измените на Кривичниот законик само му дадоа лажно алиби, бидејќи предметот можеше да стане правосилен пред на сила да стапат скандалозните измени.

Подоцна, Судскиот совет утврди дека Беџети како судија известител на предметот како надлежен за динамиката на движење на овој случај со месеци неоправдано не го решавал масовното прислушување иако решавал и нови предмети што му биле доделени.

Сепак, по утврдените пропусти, советот му изрече само дисциплинска мерка со која шест месеци добиваше помала плата за 20 отсто од месечната плата на судија.

Но кој е судијата Беџети? Она што е познато за него е дека почнал како секретар во општина Боговиње, а стигнал до судија во Апелациониот суд.

Според биографијата што е објавена за Беџети на веб – страницата на Апелациониот суд, Беџети дипломирал на Правниот факултет во Приштина во 1990 година, а правосуден испит положил во 2004 година.

Започнал да работи како секретар во општина Боговиње, бил управител на приватна фирма, а потоа бил генерален секретар на Тетовскиот Универзитет, во период на граѓанска инициjатива 2002-2004 година.

Беџети потоа бил адвокатски приправник, а од 2005 до 2010 година работел како адвокат.

Првпат бил избран за судија во Основен суд Скопје 1 на 14.01.2010 година, односно кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, а во Апелација напредувал многу брзо, односно за две години, на 4.12 2012 година, бил избран за судија во Апелација каде прво постапувал по граѓански предмети, а потоа и по кривични предмети.

На листата со Беџети се најде и поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Тие јавно се означуваат за нивната вмешаност во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт Департментот.

Валентина Вурмо

Поврзани новости