Боледувањето на еден од судиите во случајот „Ласкарци”, го одложи денешното рочиште за овој предмет. Следната главна расправа е закажана за 15 октомври.
Адвокатот Дељо Кадиев, кој е дел од одбраната за овој случај за МИА, изјави дека се работи за голем предмет и заради тие уште трае судењето.
– Обвинителството заврши со презентација на доказите. На последните рочишта беше сослушан вештак предложен од првообвинетиот. Тоа траеше четири-пет дена. Имаше многу прашања. Сега следуваат предлозите на второобвинетиот, рече адвокат Кадиев.
Во досегашниот судски процес за трагичната сообраќајка на патниот правец Тетово-Скопје, во близина на село Ласкарци, се презентираа многу вербални и материјални докази. Дел од сведоците при нивните искази во суд најавија дека ќе бараат материјална штета од обвинетите и дека се приклучуваат врз нивниот кривичен прогон. Додека други бара само надоместување на лекарските трошоци.
Воедно, вештачењата презентирани од страна на обвинителството докажа дека шоферот на автобусот на ,,Дурмо Турс”, трагичниот ден возел 99 км на час, наместо 80 км на час колку е дозволено за автобус тежок 15 тона.
Судењето за овој случај го води судијката Диана Илиевска-Груевска, додека обвинението го застапува обвинителот Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари минатата година кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се обвинети шест лица.