Судиите Весна Димишкова и Ненад Савески ги ставија во притвор Чавков и останатите осомничени за насилството во Собранието

by fokus

Весна Димишкова и Ненад Савески, судии на претходна постапка во Одделот за организиран криминал, им го одредија притворот на Митко Чавков и останатите 18 лица кои беа уапсени во вчерашната акција на полицијата. Тринаесет од осомничените за насилството што се случи на 27 април во Собранието добија притвор, а шестмина завршија во домашен притвор.

Сепак овие решенија се неправосилни, бидејќи осомничените имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од 24 часа по приемот на решенијата.

Димишкова, која за судија е избрана во 2004 година, во јавноста е позната по тоа што го потпиша налогот со кој Специјалното јавно обвинителство влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање и ги обезбеди доказите потребни за предметот со нелегалното масовно прислушување. Таа го потпиша и налогот за претрес во домот на Коста Крпач, сопственикот на фирмата „Финзи“, поради сомнеж дека преку фирмата се набавувала опремата за прислушување. Крпач, пак, подоцна почина во неразјаснети околности.

Димишкова им судеше и на обвинетите во случајот „Детонатор“, а на долгогодишна казна затвор ја осуди и Станислава Чочоровска, обвинета за шферц на кокаин.

Савески, пак, прв пат за судија е избран минатата година во септември.

В.В.

Поврзани новости