Здружението на судии објави дека судиите донирале над 4,5 милиони денари или 4.632.144,00 денари за Солидарниот фонд за справување со вирусот Ковид-19, откако беа остро критикувани од јавноста по одлуката на Уставниот суд кој одлучи функционерите, меѓу кои и судиите да земаат цела плата и покрај корона кризата. Уставен поведе постапка за неколку уредби на Владата кои предвидуваа ограничување на плати на функционерите.
-Донациите односно издвојувањата од плата се видливи, преку соодветна евиденција во рамките на судовите доставени до Здружение на судиите. Судиите покажаа солидарност, единство и колегијалност и донираа 4.632.144,00 денари, соопшти Здружението.
Управниот одбор на Здружението на судиите донесе одлука судиите да донираат најмалку 20 отсто од нивната плата за месец април и мај за Солидарниот фонд. Најмногу пари донирале големите судови, а најмалку судовите во малите гратчиња низ Македонија, каде има еден или неколку судии. Сепак најмногу пари и најмногу судии донирале од Основниот граѓански суд Скопје, односно 57 судии собрале 617.685 денари. Највисокиот суд, Врховен, каде работат над 20 судии собрал 257.400 денари. Од овој суд пари дале 18 судии, што значи неколкумина врховни судии воопшто не донирале.
Скопскиот Кривичен суд собрал 575.320 денари, а донирале 48 судии, односно не донирале само пет судии. Во Апелација донирале 38 судии. Воопшто пари не дале судиите од судовите во Радовиш, Крушево, Виница и Кратово, каде работатат по неколкумина судии.
Целата листа на донации може да се види на страницата на Здружението на судии.
Ф.Ф.С.