Судиите се „кренаа“ против Уставен – се заканија дека ќе го тужат во Стразбур

by Fokus

Здружението на судии денеска испрати остра реакција за одлуката на Уставниот суд донесена во мај со којашто беа отфрлени иницијативите што ги поднесоа Здружението на судиите и Судскиот совет за поништување на одредбите од Законот за плати на судии.

Најавуваат нова иницијатива до Уставен и се заканија дека ќе го тужат Уставниот суд пред меѓународниот суд во Стразбур.

За Здружението е спорно тоа што одлуката на Уставен се применува ретроактивно, што според нив е неуставно и го цитираат членот 52 кој гласи „Законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните“.

-Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29.02.2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 01.02.2024 година, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата.

Согласно одлуката на Уставниот суд на РСМ: „Донесувањето на оспорените измени и други наведени измени на Законите беше резултат на реакција на јавноста по зголемување на платите на функционерите“, па во тој правец потребно е да се напомене дека платите на судиите од 2012 година се замрзнати иако во меѓувреме просечната плата во земјата двојно се зголеми. Затоа не треба да се манипулира со никакво зголемување на платите туку станува збор за законитo пресметување, пишуваат судиите во реакцијата.

Најзагрижувачко во одлуката на Уставен за Здружението, е неговото игнорирање на ретроактивното дејство во оспорениот закон и тоа што не дава образложение како применетото ретроактивно дејствие со кое се намалува плата на одредена група граѓани е поповолно за граѓаните.

Здружението на судии најавува нова иницијатива за оценка на уставноста на Законот за плати на судиите и тоа исклучиво по однос на ретроактивната примена на Законот, сметајќи дека не станува збор за пресудена работа.

-Здружението на судии бара од Уставниот суд, кој не е дел од судската власт туку претставува државен орган, а нејзините членови (професори, правници, обвинители па и судии) кои се избрани од законодавецот-Собранието на РСМ, да не се додворува на Законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт. Нивната надлежност е јасно утврдена во Уставот, па оттука треба да се држат до своите надлежности при одлучувањето, а не да носат одлуки кои се политички и популистички, со анализи и заклучоци кои се во надлежност пред се на Заводот за статистика ( дека платите на конкретна категорија граѓани се доволно големи)

И судството во минатото беше незадоволно од бројните Закони за амнестии и измени на КЗ, со кои се поткопуваше и девалвираше судското постапување, но и покрај тоа, имајќи ги предвид надлежностите на судовите (а тоа е примена на Законите) судиите безусловно ги применуваа таквите закони, се вели во реакцијата.

Тие предупредуваат дека може да се доведе во прашање и функционалноста на судството со оглед на тоа што платите на судиите во минатото биле неформален пример за зголемување или намалување на платите на судската служба која трпи огромен одлив, заради ниските примања.

-Па од таа причина може да се доведе во прашање и функционалноста на судството со оглед да судиите постапуваат во тимови со стручни соработници, записничари, службеници, доставувачи и сл.., а сега се отвора можност за Законски измени кои можат да ги намалат и нивните плати, се додава во реакцијата.

Здружението бара Уставниот суд да постапува согласно неговите надлежности предвидени со Уставот и најавуваат дека во спротивно ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права, пред се заради заштита на Законитоста и правата и слободите на граѓаните.

Уставниот суд на 15 мај одлучи да не поведе постапка за Законот за изменување на законите за плати на судиите и за Законот за платите на членовите на Судскиот совет.  Уставен тогаш кажа дека неприфатливи и неосновани се наводите на Судскиот совет и на Здружението на судии дека со намалувањето на коефициентот за пресметка на нивните плати се загрозува независноста и самостојноста на судството.

Судот утврди дека намалувањето на коефициентите за 13 отсто е направено со Закон, што е во надлежност на Собранието. Платите, сепак, станале поголеми, бидејќи пораснала просечната плата во државата и останале доволно високи согласно статусот на овие лица.

Во почетокот на годинава, Собранието ги намали коефициентите за пресметка на сите функционерски плати. За судиите, коефициентите кои се движеле во распон од 2,8 до 3,7 се намалени на распон од 2,43 до 3,21, а кај Судскиот совет, 3,7 и 4 се заменети со 3,21 и 3,47.

Тие реагираа дека законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку недозволено намалување на платите. Сметаат дека се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година.

Иницијативите беа потпишани од тогашниот претседател на Здружението на судиите, Џемали Саити и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Сегашен претседател на Здружението е претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Одлуката беше донесена додека на чело на Уставниот суд беше судијката Добрила Кацарска.

Уставниот суд не поведе постапка за иницијативите потпишани од Весна Дамева и Џемали Саити.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости