По спорното начелно правно мислење на Врховниот суд дека СЈО не е надлежно за истрагите и предистрагите кои ги води во моментот, Кривичниот суд ќе побара Собранието да направи автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО, а исто така ќе побара и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да се изјасни за тоа кое обвинителство треба да ги води оспорените предмети.
Овој заклучок произлегол од вчерашниот состанок на судиите од Кривичниот суд. Оттаму брифираат дека од Собранието пак ќе се бара да даде автентично толкување бидејќи само законодавецот може да даде такво толкување на законските одредби, а не како што тоа го направи Врховниот суд.
Во меѓувреме, предметите кои се преземени по истекот на рокот ќе продолжат во Кривичен ако се итни и не трпат одложување, а за тоа проценка ќе направат судечките совети.
Врховен минатата недела изгради мислење дека рокот од 18 месеци за обвиненија и истраги СЈО требало да го смета од моментот кога биле преземни бомбите, а не од секој поединечно од преземањето на секој предмет од редовното обвинителство.