Пишува: Милка РИСТОВА, судија на Врховниот суд во пензија
Според Уставот на РС Македонија и системските закони што ја уредуваат работата на македонската дипломатија, како и сите закони што ги уредуваат судските постапки, пропишано е како единствен службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Судиите, јавните обвинители, јавните правобранители, адвокатите и слично, независно од етничката припадност, во постапките пред македонските судови и другите правосудни органи, постапката да се води на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Во тој случај се поставува прашањето, ако за овие професии правосудниот испит е услов за нивно извршување, какво влијание ќе има полагањето на овој стручен испит на албански јазик врз нивното успешно извршување?
Прашањето е суштински политичко, но и правно.
Дали полагањето на правосудниот испит на албански јазик е во спротивност со потребата сите правници што се подготвуваат да извршуваат професии, кај кои правосудниот испит е услов без кој не се може, Е ВО СПРОТИВНОСТ СО ПОТРЕБАТА СИТЕ ПРАВНИЦИ ДА ГО ВЛАДЕАТ СТРУЧНИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК?
ЗА И ПРОТИВ
Во јавноста има две гледишта.
Според првото, за полагање на правосуден испит на албански јазик, подржувачите сметаат дека, иако македонската држава е унитарна, таа во суштина е мултиетничка, па е загарантиран еднаков пристап до сите функции за сите граѓани, независно од нивната етничка припадност.
Натаму, ако албанскиот јазик, според уставните измени е службен јазик, во одредени сфери, во тој случај, логично е кандидатите да можат да го полагаат правосудниот испит на јазикот на кој студирале и е нивен мајчин јазик. Познавањето на македонскиот јазик може да се проверува посебно, без целосно ограничување на јазикот на кој се изведува правосудниот испит.
Постојат и аргументи против, кои се блиски до ставот што го застапувам како долгогодишен судија. Сите судски расправи пресуди се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Најголемиот дел од правната и судската пракса се на македонски јазик. Судијата, јавните обвинители, адвокатите во текот на судењето, треба и мора да го владеат прецизно правниот македонски јазик.
Правосудниот испит не е само проверка на правните знаења на кандидатот, туку и на правната терминологија и формулација на правните норми. И на крај, најсуштинското, ако судијата, јавниот обвинител, адвокатите, во тек на судењето не може да функционираат на правен македонски јазик, може да се загрози правната сигурност и единството на правниот систем.
Практично важно и клучно прашање не е само на кој јазик се полага, туку дали кандидатот, без оглед на неговата етничка припадност, докажува високо ниво на ПРАВНИЧКИ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, на потребното ниво, потребно во судските постапки.
Насекаде во светот постојат повеќе службени јазици, но судиите, јавните обвинители и адвокатите задолжително треба да го владеат службениот правен јазик на кој се суди и пресудува. Тоа е ПРОФЕСИОНАЛЕН, А НЕ ЕТНИЧКИ КРИТЕРИУМ.
БАЛАНСИРАЊЕ МЕЃУ ПРАВНИОТ СИСТЕМ И ЈАЗИЧНАТА ИНКЛУЗИВНОСТ
Но, ние сме посебен случај во сè, постојано сме нечиј притисок! За да се одржи внатрешна кохезија во опшеството, веќе се најавени измени во Законот за полагање правосуден испит, да се дозволи полагање на албански јазик. Притоа, задолжително да има строг дел за правна терминологија и пишување на македнски јазик. Ќе се уреди и нов состав на Комисијата за полагање правосуден испит. На тој начин би се испочитувала јазичната еднаквост и потребата за функционално и единствено правосудство.
Право на употреба на својот јазик, кој е различен од македонскиот, во судските постапки имаат странките и другите учесници во судењето и на нив судот им обезбедува преведувач. Тоа право не им припаѓа на адвокатите. Тоа е дел од правото за фер судење и еднаквост пред суд.
Ако постапката официјално се води на македонски јазик, тогаш сите професионалци што ја спроведуваат или активно учествуваат во неа, мора да имаат целосна професионална способност да го познаваат македонскиот правен јазик и кирилското писмо.
Оваа дебата во јавноста е легитимна и уставноправна дебата, а не едноставно техничко прашање.
Правосудството е ТРЕТА ВЛАСТ, чии одлуки насекаде во светот и кај нас, покрај тоа што во пресудите и во другите судски одлуки е дадено право за доброволно извршување, во пракса, ако тоа не е случај, тие се извршуваат со државна принуда! Судската власт, според Уставот и законите, ги контролира незаконитите одлуки на другите власти, може да ги укине или поништи. Печатот на правосилност на судска одлука е неприкосновен, не може друга власт да го поништи. Затоа судските пресуди мора да бидат прецизни, добро образложени. Правната терминологија во нив да е еднозначна, а јазикот на применетото право да биде стабилен и унифициран. Судските пресуди создават обврски, права, но и ограничување на слобода и одземање имот.
Затоа сите држави во светот настојуваат да има широки правни знаења, интегритет, да се со цврст морал и етика и добро познавање на правниот јазик во судското правораздавање и пракса. Носителоте на правосудна функција треба да се високи професионалци, со високи правни стандарди.
Ако судската власт има монопол на правосилно одлучување во име на граѓаните на државата, тогаш носителите на таа власт мора беспрекорно да го владеат службениот правен јазик во кој се создаваат и толкуваат законите и пресудите. Тоа не е аргумент против етничките права на наши сограѓани, туку аргумент за правна сигурност, единствена примена на законите и доверба во правосудните институции.
Нашата Македонија, поради својата мултиетничност, се обидува, се труди, да балансира меѓу функционалноста на правниот систем и јазичната инклузивност.