Откриени сериозни пропусти во случајот Периш, директорката на психијатриската болница во Загреб поднесе оставка

by valentina 10:47
10:47

Здравствената инспекција открила сериозни пропусти во постапувањето со 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина во психијатриска болница во Загреб, пишува денеска хрватски Индекс. Утринава стигна и веста дека директорката на болницата Мајда Грах дала оставка од раководното место.

Инспекцијата го оцени и како проблематичен фактот што директорката ја прегледала снимката дури 2 недели подоцна. Таа изјавила дека не знаела дека е потребно да го пријави случајот во Министерството за здравство.

Случајот со смртта на Периш во болницата Јанкомир во Загреб го потресе регионот и ги отвори прашања за постапувањето на медицинските лица. Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство. Снимката од надзорните камери брзо се прошири на социјалните мрежи.

Инспекторите утврдиле дека медицинскиот персонал не ги почитувал пропишаните процедури за физичко ограничување на пациентот. Откриени се и неправилности во документацијата и постапувањето на болничкото раководство.

Семејството на Периш, во меѓувреме, најави комеморативен собир на плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“ во Загреб, на 21 ноември во 18:30 часот. Семејството неодамна го погоди уште една трагедија, откако вереницата на Периш го загубила бебето неколку дена по неговата смрт.

Хрватски Индекс пишува дека Периш бил донесен во болницата на 21 октомври во 13:36 часот, во придружба на итна медицинска помош и полиција. Во текот на попладнето примил терапија и бил физички ограничен со ремени. Подоцна била проценета потреба од дополнителни мерки за ограничување и нова терапија.

„За време на овие постапки, кои не биле спроведени во согласност со пропишаниот протокол, кај пациентот настапил срцев застој, по што здравствените работници започнале со реанимација“, се наведува во наодите од инспекцијата.

Реанимацијата ја продолжила екипа на итната медицинска помош, но Периш починал во 21:26 часот.

Инспекторите утврдиле и несовпаѓања во медицинската документација, особено во евиденцијата за физичкото ограничување на пациентот.

„Прегледот на медицинската документација и разговорите со достапниот персонал откриле несовпаѓања во евиденцијата за постапките на физичко ограничување. Затоа е потребна дополнителна стручна проверка“, се наведува во инспекцискиот извештај.

Инспекцијата открила сериозни прашања околу постапувањето на директорката. Таа била известена за смртта на Периш на 21 октомври, околу 22:25 часот, односно помалку од еден час по неговото починување.

Следниот ден побарала да се зачуваат снимките од надзорните камери, а на 23 октомври усно добила информација дека тие се обезбедени.

Сепак, снимките биле прегледани дури на 4 ноември, точно две недели по смртта на пациентот.

Слични вести