Петте републики потпишуваат за сојуз на суверени држави

За жал, од нашите напори за мир ќе останат само скелети на жртвите на оваа бесмислена војна, која секојдневно добиваше на жестокост, радикализирајќи ги политиките во републиките. Војна што ќе трае цели четири години. Зашто, да не заборави читателот: оваа шанса да ја сопреме војната беше во 1991 година, а Сребреница се случи во 1995.

by valentina 10:20
10:20

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија

На 14 октомври 1991 година, во предвечерјето на пленарниот состанок на Конференцијата за Југославија, на кој беа поканети претседателите на републиките, се прави очајнички обид да се спаси Конференцијата преку заедничка декларација на Европската заедница, на САД и на СССР. Во декларацијата во која се изразува „длабока загриженост поради продолжувањето на насилството и крвопролевањето во Југославија, се констатира дека „ниту еден од договорите за прекин на огнот, за кои е постигната согласност во текот на изминативе три месеци, не се применува“. Воедно, се изразува „убеденост дека договорите за прекин на огнот се единствениот пат што ќе нè оддалечи од натамошното влошување на конфликтот и ќе нè доведе до мирно и праведно решение“.

„Ги повикуваме претседателите што ќе учествуваат на петочниот пленарен состанок на Конференцијата за Југославија да ја реафирмираат својата посветеност на мировниот процес и апсолутно да се придржуваат кон она што се обврзале“.

МИРОВНИОТ ПЛАН НА КАРИНГТОН

Мировниот план беше дефинитивно вообличен. На пленарна седница на 18.10.1991 година, текстот даден на републиките требаше да биде презентиран на потпис на претседателите на републиките и на членовите на Претседателството на СФРЈ седнати околу заедничка маса. Претседателите, во придружба на министрите за надворешни работи, во претходно закажани термини, влегуваа како на лента во кабинетот на лорд Карингтон заради последни консултации. Додека чекавме со претседателот Глигоров во фоајето, од кабинетот излегоа претседателот на Хрватска, Фрањо Туѓман, со неговиот соработник Марио Нобило. Алудирајќи на полагање на факултет, Туѓман со смеење ни порача дека испитните прашања не се тешки. Дека работите не стојат баш така, говореше неговото жар црвено лице, а уште повеќе реалноста во која се наоѓаше Хрватска. Што се однесува до Македонија, за нас немаше тешки прашања затоа што финалниот план на Карингтон, во буквална смисла, беше еден вид европско-македонска копродукција, наспроти словенечките, хрватските и српските идеи. Но, сега дојде моментот на вистината. Под будното око на Европската заедница и на САД, главните спонзори на идната независност на републиките, се ценеа сечии постапки пооделно. Кој ќе биде конструктивен, а кој деструктивен? Набргу ќе се покаже.

Еден по еден, претседателите на републиките на поранешната југословенска федерација беа повикани да се изјаснат. Претпоставувам дека на одделните средби, Карингтон успеал да издејствува согласност за Спогодбата за сојуз на суверени држави од страна на претседателите. Но, прашањето од милион долари беше каков ќе биде ставот на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Сум забележал некои покарактеристични моменти од излагањата на Туѓман, Кучан и Милошевиќ, главните актери на кризата во Југославија.

Туѓман заклучува дека „веќе преговараме повеќе од година и не сме стасале до решение“, но дека „го прифаќаме предлогот затоа што тој значи излез од воената криза“, при што нагласува дека „правни наследници на СФРЈ се сите субјекти што ќе настанат од овој процес“. Прашува дали nationality значи citizenship и укажува на фактот дека ЕЗ препорачува да се избегнува двојно државјанство. Инсистира точката 2.5, во делот насловен Специјален статус, да се однесува на сите републики на поранешна Југославија.

Кучан заклучува дека „Југославија, како идеолошка и политичка структура, не успеала да се носи со процесот на демократизацијата“, се залага за „суверенитет“ на републиките и за „соработка со тие со кои постои заеднички интерес“. Така наведува дека е можна зона на слободна трговија или со група држави да создадат царинска унија… Инсистира европско тело да помогне во создавањето на идните држави, а зборува и за проблемот на „затворено небо“ за прелет на авиони.

ОТПОРОТ НА МИЛОШЕВИЌ

Земајќи збор, Милошевиќ вели дека „овој документ не се разликува битно од претходниот“ и дека не верува дека Карингтон ќе успее „во своето посредништво ако не ја базира Спогодбата на правото, но и на правдата“. Забележува дека „Југославија е основач на ОН, а тоа воопшто не се спомнува во документот“. Вели дека „се спомнува правото на отцепување на тие што сакаат да ја напуштат Југославија, но не и на правото да останат на тие што сакаат да останат“. Бара „да им се гарантира континуитет на тие што сакаат да останат во заедничка држава“. Заклучува дека предложениот документ не води кон стабилност, туку кон нова нестабилност и конфликти, па затоа, „во сегашната форма“, вели, „ние не можеме да ја прифатиме спогодбата“. Инсистира „на решение што нема да се базира само на правото, туку ќе биде праведно“. Вели дека Спогодбата „го суспендира постоечкиот уставен поредок и ја укинува југословенската држава, која постои седумдесет години“. Продолжува со тврдењето како „Таква одлука можат да донесат само луѓето што ја создале Југославија и тоа на референдум“ и дека „ниту еден учесник на Конференцијата нема мандат да го стори тоа“.

Зборувајќи за прашањето за границите, укажува дека тие „се нацртани административно во војната и не на демократски начин“ и дека предложените „аранжмани ги легализираат унилатералните потези на републиките“. Таквите републики, заклучува, „не се способни да станат независни држави“.

Атмосферата во салата стана уште понапната. Очите на нас присутните, претседателите на републиките и нивните министри за надворешни работи шетаа од Милошевиќ до лордот Карингтон и обратно. Запишувам цртички од дебатата.

Карингтон: „Дали јас добро разбрав дека вие не ги прифаќате член и 1.1. и 1.2?“.

Милошевиќ: „Мислам дека бев јасен“.

Карингтон: „Ги прифаќате или не ги прифаќате?“.

Милошевиќ: „Не“.

Каринтон: „Дозволете да ве потсетам на нашиот заеднички состанок“ со холандскиот министер за надворешни работи, Ван ден Брук, на чии ставови повторно го потсетува.

Милошевиќ: „Ние водевме дискусии дека една од опциите е лабава асоцијација. Сепак, ние секогаш тврдиме дека Југославија постои и дека ние имаме уставни институции. Луѓето на Југославија се единствените што имаат право да кажат дека државата постои и ние не сме повикани да претпоставуваме дека Југославија не постои“.

Карингтон: „Вие поаѓате од основата дека Југославија постои. Ние поаѓаме од другиот крај на аршинот, дека републиките ја прогласиле својата независност. Дали нашите разлики се толку големи? Вие ѝ приоѓате на Југославија од едната страна, а ние од другата“.

Тука Милошевиќ отпочнува еден долг конфузен монолог, во кој објаснува дека неговите „принципи не почиваат само на правни основи, туку и врз реалните основи“ и го повикува Карингтон „да излезе од правната рамка“ за да може „објективно да пресуди“.

Атмосаферата зоврива. Како поддршка на ставовите на Милошевиќ, во дебатата се вклучува и членот на претседателството на СФРЈ, Бранислав Костиќ, кој заклучува дека документот не се прифаќа. Карингтон го прекинува, бидејќи, како што вели, „знае дека претседателството не зборува со еден глас“.

Костиќ: „Дали тоа значи дека ми го одземате зборот?“.

Карингтон: „Бидејќи зборувате во свое име, не е пристојно да продолжите да зборувате“.

Костиќ: „Јас зборувам во името на четирите членови и ги изземам тие што ја бојкотираат работата на претседателството“.

ПЕТ РЕПУБЛИКИ ПОТПИШАА

Работите околу конференциската маса станаа многу грди. Карингтон, кој не можеше да разбере такво дрско и ноншалантно поведение на конференциската маса во време кога се случуваат свирепи етнички злосторства на територијата на Југославија, целиот црвен во лицето, буквално го избрка Костиќ од салата.

Ниту ладнокрвниот правник, претседателот на Арбитражната комисија на конференцијата за Југославија, Бадентер, не можеше да остане рамнодушен. Подлегнувајќи на тензичната атмосфера, пламна и тој.

„Не можеме да им веруваме на сопствените очи дека нешто вакво се случува во Европа на крајот од дваесеттиот век во држава, која толку многу страдала во Втората светска војна. Не можеме да им помогнеме на луѓе што не престануваат да пукаат едни во други… Никогаш нема да барам од моите колеги да се посветат на теоретски правни работи, додека прекинот на огнот, кој самите го наредивте, не држи… Нема да дозволиме да бидеме исмејувани… Ние не сме тука за да организираме мини Нирнбершко судење… Ние можеме на сите заинтересирани страни да им кажеме кои се правните процедури, но вашата судбина е во вашите раце. Но, дури откога ќе почнете да разговарате, ние ќе можеме да ви помогнеме. Ние не можеме да ви кажеме вам кој е во право, а кој не е. Арбитражата може да ви помогне, така што ќе ви каже како да решите проблем…“

Каринггтон не попушта. Во својот последен обид да го стави Милошевиќ „во тесно“, ја пушта Спогодбата околу масата и бара потписи од страна на претседателите на републиките. Се погледнавме прашалнички со претседателот Глигоров – ќе успее ли Карингтон да наметне мир? Спогодбата и да повторам без лажна скромност за работата на претседателот и мојата, тој европско-македонски проект, тргна околу масата. Свој потпис за создавање сојуз на суверени држави, стави Туѓман, потоа Кучан, потоа Изетбеговиќ… Документот се најде пред нас и Глигоров стави свој потпис на Спогодбата. Ја проследивме до Момир Булатовиќ. На големо изненадување на присутните, претседателот на Црна Гора, кого го сметаа за „човек на Милошевиќ“, потпиша и Булатовиќ. Милошевиќ, пак, одби да потпише.

За миг, настана штама во салата. Карингтон, обидувајќи се да глуми нормалност, заклучува дека петте републики ја прифатија Спогодбата и ги повика комисиите да изготват финална верзија.

„Го имаме скелетот, сега треба комисиите да стават малку месо на скелетот“, рече.

За жал, од нашите напори за мир, ќе останат само скелети на жртвите на оваа бесмислена војна, која секојдневно добиваше на жестокост, радикализирајќи ги политиките во републиките. Војна што ќе трае цели четири години. Зашто, да не заборави читателот: оваа шанса да ја сопреме војната беше во 1991 година, а Сребреница се случи во 1995. Го прашувам министерот за надворешни работи на Србија, Владислав Јовановиќ, седнат до мене на конференциската маса: „Зошто Милошевиќ не потпиша кога Спогодбата е добра, како за Србија, така и за Србите во идните суверени држави?“

„Ако потпише, ќе го убијат кога ќе се врати дома“, ми одговара со спуштен глас.

Милошевиќ, човекот кого целиот свет го доживуваше како неприкосновен водач на српскиот национализам, всушност, беше станал негов заробеник!

(Продолжува) 

 

Слични вести