Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на денешната средба со амбасадорите од ЕУ ја отвориле темата и за реформите во правосудството. Тој нагласи дека довербата во судството е два проценти и оти како Влада мора да понудат решение.
-Отворивме една многу важна тема во јавноста, а тоа се реформите во правосудството. Не станува збор дали сме имале или немале несогласувања. Прашањето е ако имате проблем, а ние имаме проблем кој што и тие го констатирале, граѓаните тоа го кажуваат на анкети. Довербата во правосудните органи е два процента и сега кога имате проблем, треба да понудите решение, рече Мицкоски вечерва во гостувањето на „Топ тема“ на ТВ „Телма“.
Тој потсети дека предвидуваат темелна реформа во две институции, односно во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители.
Премиерот оцени дека тие две тела треба да имаат свои членови, а не политички претставници кои што доаѓаат како предлози од Владата, Собранието или претаседателот. Вели дека тие треба да бидат избрани од самите обвинители и судии.
-Тие самите треба да си изберат претставници, а второ е што треба да имаат автономен буџет, односно да не зависат потоа од политичката волја на владата или некаква друга волја. И трето, нивната работа да биде предмет на надзор од страна на парламентарна комисија и институција во која што ќе има членови и од власат и од опозицијата. И таа комисија практично ќе врши надзор на работата на судовите и на обвинителствата, истакна премиерот Мицкоски.