Судиите мора и треба да бидат потранспарентни со медиумите, истото се однесува и на Судскиот совет, бидејќи одлуките судиите сепак ги носат во име на граѓаните и нашата работа е во име на граѓаните, порача претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на денешната седница на Судскиот совет на којашто едногласно беше усвоена Комуникациската стратегија на Судскиот совет и судовите (2024-2028) со Акционен план.
Со новата стратегија, како што посочи Дамева, се исполнуваат четири од препораките нотирани во Извештајот на оценската мисија, како и дека е усогласена со Националните развојни политики и претставува подетално разработен дел од Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-28 и, истата е компатибилна со заложбите за отворено судство.
– Со усвојување на еден ваков значен документ, значи дека ќе се усвојат високи европски стандарди за комуникација на сите нивоа на судството, почнувајќи од Судскиот совет, изјави Дамева.
Оваа стратегија ги нотира сите активности што во наредниот период треба да се преземат од Судскиот совет и судовите за јавноста да има пристап до навремени и разбирливи информации во врска со процесот на донесување одлуки во судството.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, посочи дека комуникацијата со јавноста, граѓаните, медиумите и граѓанските организации има голема улога за заштита на интегритетот на судиите, но и во заштита на судството од надворешните влијанија, и од тие причини сите заложби за отчетност се засновани врз владеење на правото и во тоа, како што нагласи, е суштината на комуникациската стратегија – без јавност не може да има квалитет на постапување и одлучување.