Судии и обвинители барале средби со Мицкоски – Нема да примам никого, не треба мене да ми служат

by fokus

Судии и обвинители барале средби со премиерот Христијан Мицкоски, обелодени тој денеска одговарајќи на новинарски прашања.

Тој им порача дека нема да прима никого, дека нема да владеат со политички притисоци преку судии и обвинители и дека треба да им служат на граѓаните, а не нему.

-Не сакам да ми бараат средби ниту судии, ниту обвинители, еве ми бараат, не сакам. Нема да примам никого, не ми треба тоа. Треба да работат, само за тоа што се платени, а ги плаќаат граѓаните од тешко заработени пари, преку даноците што ги плаќаат.

Треба на нив, да им служат, не на мене. Немам потреба јас. Немам ниту браќа, ниту братучеди, ниту било какви интереси кои имаат интерес од судството. Ниту имам намера како влада да владееме на тој начин, преку судии и обвинители да вршиме политички притисок. Немаме. Сакам правда, сакам за тоа што се платени, тоа да го испорачаат, порача Мицкоски.

Тој ова го искоментира во контекст на јавните пораки што си ги упатија со американската амбасадорка, Анџела Агелер за реформите во судството за кое и двајцата се согласуваат дека има многу ниска доверба.

Тој кажа дека амбасадорите се мешаат во внатрешните работи во земјава, а Агелер рече дека САД не се меша туку само  ја поддржува Македонија.

Мицкоски кој има намера да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, вели дека целта е самите судии и обвинители да си ги бираат членовите.

Со оглед на тоа што голем број експерти и амбасадори се против оваа идеја, тој вели дека е спремен да разговаараат и да ги прифатат и нивните идеи само да се подобри состојбата во правосудството.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости