Судии, и на вашите раце има крв од убиениот Филип кај Смиљковско езеро!

by fokus

Четири, од петте семејства, чии што деца беа убиени кај Смиљковското езеро, добија по 70.000 евра обештетување од државата, но единствено семејството на Филип Славковски, се уште не е обештетено. Неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за неправдата која му е нанесена на ова семејство.

Веднаш ќе кажам дека не се работи за пари, бидејќи ништо не може да им го врати убиениот син. Болката по изгубеното чедо не може да им ја намали или надомести ниту едно богатство на светот! Но, она што како нож им се забива во веќе крвавата рана е нееднаквиот третман и судската голгота низ која повторно минаа. А, двојниот аршин го добија и од судии во Граѓанскиот суд, но и во Апелациониот суд.

Имено, три години по петкратното убиство, Владата на седница одржана на 26 мај 2015 година, конечно донесе одлука парично да се обештетат семејствата на убиените момчиња. Бидејќи и семејството и државното правобранителство се спогодија за износот, судот требаше само да ја аминува спогодбата.

Но, сепак судијката кај која се паднал предметот на семејството Славковски, одлучува поинаку од останатите четворица судии, односно решава да не се дозволи порамнувањето и на државата да и „заштеди“ 70.000 евра!? Затскриена зад судската тога, одлучила да се почека правосилната пресуда за случајот „Монструм“, па дури потоа да се исплати обештетувањето. За да биде скандалот поголем истата одлука ја носи и Аплеациониот суд, кој решава по жалбата на семејството Славковски.

За овие судии не значело ништо што нивни колеги, за четирите останати предмети, решаваат идентично, односно носат одлука семејствата на Александар, Цветанчо, Кире и на рибарот Борче, да се обештетат. Па, нели правдата треба подеднакво да е достапна за сите? Зарем судиите не ги носат одлуките мерејќи во истиот кантар?

Доколку смејството Славковски барало обештетување од обвинетите во случајот „Монструм“, тогаш би се сочекала правосилност. Тоа е неопходно зошто не може со неправосилна пресуда од нив да се бараат пари за отштета, бидејќи подоцна повисокиот суд може да ги прогласи за невини. Во тој случај би платиле за нешто што не го сториле. Но, бидејќи во случајот оштетата ја дава државата, а не обвинетите, ваквите судски одлуки се небулозни. Без разлика дали убиецот се вика Трајко или Петко, факт е дека убиените деца повеќе ги нема и никогаш нема да се вратат, а државата со овој солидарен гест се обидува барем некако да им помогне на ужалените семејства. Но наместо помош, покрај големата загуба, добија и понижување, а судиите дозволија и нивните раце да се извалкаат со крв.

Затоа на потег е државата, односно Владата. Таа треба да ја исправи неправдата која на семејството Славковски им ја нанесоа судиите. Многупати досега носеле одлуки за обештетување, зобиколувајќи ги судските инстанци, и тоа со право. Па тие не се покажаа кадарни да ја разрешат мистеријата околу петкратното убиство, бидејќи по пет години случајот се сруши како кула од карти. И покрај тоа, имаат образ да бараат од родителите да почекаат правосилна пресуда, која како што тргнала работава може да не се случи никогаш.

На крајот на краиштата подобро ќе беше да ги откриевте убијците и нарачателите на Велигденскиот масакар. Помислата дека монструмите се најдени и казнети повеќе им вреди, отколку да добијат пари!

Валентина Вурмо

Поврзани новости