Премиерот Зоран Заев денеска се појави во Кривичниот суд каде што му се суди за случајот „Поткуп“, меѓутоа рочиштето се одложи бидејќи се уште се чека одговор од Апелација, која треба да одлучи дали снимката од посебни истражни мерки смее да се користи како доказ или не.
Одбраната на Заев побара од Кривичниот суд оваа снимка да се издвои од доказите бидејќи беше објавена на неколку медиуми, а станува збор за тајна снимка, но Кривичниот суд го одби нивното барање по што поднесоа жалба до Апелција.
„На 27-ми ќе се одржи јавна седница во Апелација, каде што ќе се разгледа нашата жалба, па поради тоа денешното рочиште се одложи, а наредното е закажано за 25-ти декември“ – појасни премиерот Заев.
Според обвинителниот акт за случајот „Поткуп“, кој влезе во судските лавиринти на Основниот суд Скопје 1, Заев во својство на службено лице, градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кој сега се води како оштетен во случајот, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Наводно, една половина од парите требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
В.В.