Судењето за случајот „Монструм“ продолжува на 26 август, откако денешното рочиште е одложено поради најавено отсуство на надлежниот јавен обвинител.
– Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат расправата за предметот со КОК бр. 66/17 во јавноста познат како „Монструм“, ја информираме јавноста дека заради најавено отсуство на надлежниот обвинител, расправата насрочена за 06.07.2020 година се одлага. Следната главна расправа е насрочена за 26.08.2020 година во 10:00 часот за што веќе се известени странките во постапката, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот „Монструм“ се однесува за убиените момчиња и рибарот на Смилковското Езеро во 2012 година. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.