Само што почнаа редовно да се одржуваат рочиштата за случајот „Ласкарци“, денешното рочиште се одложи оти не дојде вештото лице Зекирија Зекири, а токму тој требаше да сведочи, односно да одговара на прашања на обвинителот.
Како што информираше Судечкиот совет, Зекири преку другите членови на тимот што го изготви супервештачењето, известил дека поради здравствени причини нема да дојде на денешното насрочено рочиште.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, побара од судот да се одложи денешното рочиште бидејќи концептот на испитување се темелел токму на сведочењето на конкретното вешто лице по што судот донесе одлука денешното рочиште да се одложи.
На претходната расправа, јавниот обвинител Дарко Јакимовски го испрашуваше вештото лице Зекирија Зекири за околностите утврдени во машинското супервештачење.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.