Судењето против Мухамед Зеќири – екс генералниот секретар на Владата почнува од почеток, откако јавната обвинителка на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог, согласно измените на Кривичниот законик.
– Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар – објасни обвинителката Катерина Коларевиќ.
На Зеќири му се става на товар делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ – 353 став 4 кој предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.
Согласно измените на КЗ, сега процесот ќе се води по скратена постапка, а предметот отсега ќе го води судија поединец.
На денешното рочиште Зеќири, изјави дека не се чувствува за виновен за делото кое му се става на товар, а постапката продолжи со испитување на сведок на предлог на одбраната, сопруга на поранешниот генерален секретар, Бисера Зеќири.
Таа беше испитувана во однос на нејзиниот сеф, работите што ги чувала таму, како и навратите кога пристапувала до него.
Воедно, денеска беше укината и мерката притвор на Зеќири која беше заменета со мерки на претпазливост.
Со мерките, Зеќири ќе треба секоја среда да се пријавува во судот, а ќе му биде одземена и патната исправа.
Обвинителството го товари Мухамед Зеќири дека во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а следното рочиште е на 7 ноември.