Судење за родителите од Велес чии три деца загинаа во пожар: Имаше ли начин да се избегне трагедијата?

by fokus

Пред два дена во Велес се одржа судско рочиште на кое им се суди на родителите, чии три деца на возраст од една, три и четири години изгореа во пожар во јуни 2018 година во нивниот дом, еднособна колиба без струја и вода, на ридот Вршник. Тие се обвинети за кривичното дело -Запуштање и малтретирање на дете.

Според родителите, мајката Марина и таткото Никола Антониевски, тие ги оставиле децата сами додека купувале храна, а на судењето кое е започнато уште на почетокот на 2020 година, се изјасниле дека дека не се чувствуваат виновни.

Трагедијата предизвика бурни реакции во јавноста, и тогаш беа актуелни прашањата како се дозволило три мали деца да живеат во такво опкружување, без основни услови, во една соба околу која имало шунд, пластични шишиња, расфрлан стар мебел и отпад, без вода и електрична енергија.

Се бараа одговори од Центарот за социјални работи Велес, околу тоа зошто на семејството не му бил доделен социјален стан и дали некој воопшто ги надгледувал децата и бил запознат како тие живеат.
Веднаш по трагедијата, „Фокус” ја контактираше директорката на центарот Азиза Буши, која изјави дека социјалните служби биле запознати со условите во кои живееле децата.
-Уште лани родителите бараа помош од нас, бидејќи сакаа да се преселат од тогашното живеалиште во социјален стан. Ни кажаа дека имале проблеми со поранешниот сопруг на Марина. Ние им доделивме еднократна парична помош, а тие користат социјална помош од некаде кон крајот на минатата година.

Информирани сме дека поднеле барање до комисијата за станбени прашања, но таткото ни кажа дека биле одбиени оти имал некој наследен имот од неговата мајка која е почината. Им понудивме помош во храна, во народната кујна, но одбија, ни кажаа дека сакаат единствено кров над главата.

Социјалните служби го имаа посетено семејството, беа запознати со условите во кои живеат. Тие бараа струја и вода и им беше ветено од општината дека ќе ги добијат. Зошто не ги добиле, тоа не знаеме – тврдеше тогаш директорката.

Мила Царовска, која тогаш беше министерка за труд и социјална политика, по настанот порача дека трагедијата во Велес е доказ дека е потребна промена на системот на социјална заштита.

-Со сегашниот систем одговорноста на социјалните работници завршува со исплата на одредени социјални права. Ваквата огромна трагедија е уште еден доказ дека е потребна промена на системот на социјална заштита, нешто на кое оваа Влада работи. Системот на социјална заштита е поставен да трансферира пари кон граѓаните и тука да заврши приказната. Согласно новиот закон што го работиме и треба да се применува од 2019 ќе има поголем трансфер на пари, но и подобра грижа од социјалните работници кои ќе ги следат случаите ќе ги управуваат за тие да се издигнат над проблемите- изјави по трагедијата Царовска.

Два месеци по пожарот во кој ги изгубија трите деца, на Антониевски им беше доделен двособен социјален стан, во зграда во комплекс за лица со ниски примања во Велес, во населбата Тунел, а градоначалникот Аце Коцевски вети дека постариот син на Марина, кој е полнолетен, ќе биде вработен во комуналното претпријатие.

Обвинението против родителите кои ги оставиле своите деца сами беше поднесено во април 2019 година. Додека е во тек судската постапка против родителите на децата, нема информација дали надлежните служби покренале било каква постапка во врска со евентуални пропусти на Центарот за социјална работа Велес.

„Фокус” се обиде да стапи во телефонски контакт со директорката Азиза Буши, но нејзиниот мобилен телефон беше исклучен. Никој не одговори ниту на нашите повици на фиксниот телефонски број на центарот. Ја побаравме и јавната обвинителка Аделина Станинова, која е ангажирана за делото за кое се товарат родителите, но телефонскиот оператор од ОЈО Велес ни кажа дека ги нема мобилните броеви од обвинителите, ниту пак има опција да не поврзе со нив.

Се обидовме да стапиме во контакт со актуелната министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, со цел да дознаеме дали по повод трагедијата било покренато било какво обвинение против вработени во Центарот за социјална работа во Велес, или пак родителите се единствените кои се соочуваат со обвинение за запуштање на децата, но до објавата на текстот не добивме повратен одговор.

Слична трагедија ја потресе јавноста и во март годинава, кога во Гостивар изгоре дете на возраст од седум години, кое мајката го врзувала за креветот. На мајката и беше одреден притвор, а ОЈО Гостивар издаде наредба за спроведување истражна постапка против неа, поради основано сомнение за сторено кривично дело – Повреда на семејни обврски.

На почетокот на минатата година, во Шуто Оризари во пожар загинаа две малолетни деца, кои со своите родители живееле во лоши услови, и тогаш МТСП информираше дека ќе обезбеди парична помош за родителите, но и ќе им ги рефундира средствата за погребални трошоци.

Во јавноста остануваат отворени прашањата дали центрите за социјална работа сносат одговорност во случаи каде се дозволило деца да живеат во супстадардни услови, конкретно во случајот во Велес, дури и без вода и електрична енергија. Дали семејствата од социјален ризик редовно имаат стручен надзор од страна на вработени во центрите, посебно кога во тие семејства живеат и малолетни деца, се наметнува по немилите настани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости