Судбината ми го скрати најубавиот период кој го делев со Маријана и Росана!

by Fokus

Маријана и Росана! Среќен роденден со најубави желби и со неизмерна жал што среќата и судбината ми го скратија најубавиот и најсреќниот период во животот, кој го делев со вас и со Трупче. Ви благодарам од срце – со овие зборови композиторот Тоде Новачевски им го честиташе роденденот на сестрите близначки Маријана и Росана.

Неговата роденденска порака до поранешната сопруга Маријана и до нејзината сестра Росана, со кои своевремено беа едни од најпопуларните на домашната естрада, ја трогна јавноста.

Новачевски живее во Австралија, и често на социјалните мрежи објавува низ што минува во животот и како тече неговата борба со тешката болест, канцер. Пред десеттина дена откри дека до пред два месеци бил спокоен, бидејќи резултатите од неговите снимки биле фантастични, но во период кога помислил дека болеста е зад него, болеста повторно го нападнала.

-Малите ќелии на ракот се пробија и влегоа во мозокот… иако оваа појава не мора да значи катастрофа, симптомите се вистинска катастрофа. Организамот се тресе до степен на нестабилност, губење на рамнотежа и енергија, состојба во која се губи контрола на дел од телото, во мојот случај, левата страна. Оваа состојба не дозволува одмор, спиење, мир, и ако навремено не се реагира, може да предизвика удар и изливи во виталните органи. Ете драги мои пријатели, до овде јас стигнав пред две-три недели, но позитивен и со верба дека низ оваа беља ќе минувам со надеж и оптимизам како и досега – откри музичарот, кој зад себе остави ризница од безвременски хитови.

Со Маријана, која исто така живее во Австралија, и после разводот останале големи пријатели. Новачевски постојано објавува нивни заеднички фотографии од времето кога беа актуелни на музичката сцена, потенцирајќи дека тоа било време исполнето со љубов, музика и среќа, но и понови фотографии, каде позираат заедно со нивната внука од син, Ива.

Вики Клинчарова

Поврзани новости