Суд во Њујорк не ја отфрли тужбата против принцот Ендрју за силување

by fokus

Американски судија денеска го одби барањето на принцот Ендрју да се откаже од тужбата за сексуален напад, што е поведена против овој член на британското кралско семејство.

Француските медиуми пренесуваат дека со оваа одлука на судијата Луси Каплан, од судот во Њујорк, се дава зелено светло за продолжување на случајот.

Њујоршкиот судија во својата одлука наведува дека молбата на Ендрју да се отфрли граѓанската тужба поднесена од Вирџинија Џуфре е „отфрлена во сите аспекти“.

Џуфре тврди дека Епштајн ја нудел за сексуални услуги на негови богати и влијателни партнери, меѓу кои и на принцот Ендрју, тврдење кое вториот син на кралицата Елизабета Втора постојано и категорично го негира.

Минатата недела, адвокатите на Ендрју го повикаа судијата Каплан да ја отфрли тужбата, повикувајќи се на договорот што Џуфре го потпишала во 2009 година со починатиот финансиер Џефри Епштајн.

Адвокатот на Ендрју, Ендрју Бретлер, изјави дека Џуфре „се откажала од своите права“ да гони други обвинети во врска со наводните сексуални престапи на Епштајн.

Договорот, што овој месец за првпат беше објавен од судот во Њујорк, покажува дека Џуфре се согласила да се откаже од граѓанска тужба против Епштајн за што добила 500.000 американски долари.

Договорот содржи одредба што ги штити „другите потенцијални обвинети“ од тужби поврзани со наводен сексуален напад од страна на Епштајн, кој изврши самоубиство во затвор во 2019 година.

Минатата година, Џуфре поднесе тужба против принцот Ендрју за неодредена отштета, тврдејќи дека сексуално ја нападнал во 2001 година, кога таа имала 17 години. Таа тврди дека Ендрју ја нападнал и во домот на Епштајн во Њујорк и на приватниот остров на Епштајн на Американските Девствени Острови. Според обвинувањата на Џуфре, принцот Ендру сексуално ја нападнал и во станот на Гислајн Максвел во Лондон, која во декември беше прогласена за виновна за недозволена трговија со малолетници за потребите на Епштајн.

Против принцот Ендрју (61) не е покренато обвинение за сторено кривично дело.

Принцот Ендрју ретко се појавува во јавноста откако во 2019 година беше ослободен од своите должности на британскиот двор, затоа што не успеа да се дистанцира од Епштајн.

Доколку случајот продолжи и Џуфре и принцот Ендрју не успеат вонсудски да се договорат, може да се очекува во втората половина од годината да се одржи судење со поротници.

Поврзани новости