Финансиска поддршка од 140 денари дневно или 840 денари неделно добиваат студентите како субвенциониран студентски оброк што можат да ги искористат од понеделник до сабота. Мерката е наменета како поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите и за неа се одвојуваат средства од Буџетот на државата. Студентите генерално се задоволни од мерката, но сметаат дека треба да се смени концептот и да се зголеми висината на финансиската поддршка.
Студентите кои ги анкетираше екипата на МИА велат дека и покрај зголемувањето на износот на финансиските средства од 120 на 140 денари дневно потребно е овие средства да се зголемат. Од Универзитетското студенско собрание имаат Предлог-концепт и очекуваат за тоа да разговараат со новиот министер за образование и наука.
Од Министерството за образование и наука (МОН) во изјава за МИА велат дека станува збор за мерка за субвенционирање, односно поддршка за покривање на дел од трошоците за исхрана на студентите, а не за покривање на сите трошоци за храна.
– Користењето на мерката е регулирано со законско решение кое во два наврати е надградено на барање на студентите, преку претставниците на универзитетските студентски собранија. Измените предвидоа зголемување на износот од 120 на 140 денари дневно и исплата на неделна основа, наместо на дневна. МОН на почетокот на секој месец објавува повик за пријавување на студентите кои претходно го немаат остварено ова право поради разни причини. Согласно условите, апликантот треба да е редовен студент, да не е регистриран како индивидуален земјоделец, да не е во работен однос и да нема приход по кој било основ повисок од износот на минималната нето плата во тековната година, појаснуваат од МОН.