Субвенциите – последни на Груевски или први на новата Влада?

by fokus

Ако странскиот фактор ја признае владата формирана од сегашното парламентарно мнозинство, со или без амин на Иванов, банките веќе нема да имаат аргумент да ја финансираат институцијата Министерство за финансии запоседната од ДПМНЕ, а тоа ќе значи крај за редовна исплата на плати и нормална реализација на буџетот.

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Не сакам да ги обесхрабрувам земјоделците, но со голема доза на скепса ја проследив последната изјава на министерот за финансии во техничката влада, Кирил Миновски, дека пари за субвенции има. Точно е тоа што вели дека Буџетот е ликвиден и во март, според податоците за извршување на буџетот дури има благ суфицит од 1,7 милиони евра, но тоа никако не значи дека пари за субвенции има, бидејќи сумата за таа намена е 100 милиони евра, што е сума речиси колку што изнесуваат половина од вкупните месечни трошоци од буџетот, а кои се одвојуваат за плати, надоместоци, стоки и услуги итн.

Ликвидност значи дека приливот од даноци и други приходи е доволен за планираните расходи, а ако трошоците се поголеми од приходите во мера која сукцесивно планирано го опфаќа просторот за планираниот дефицит, тогаш реализацијата на буџетот не е во проблем. Извештаите за реализација на буџетот достапни заклучно со март, одговараат на изјавата на Миновски дека ребаланс не е потребен и приходите и расходите се на планирано ниво.

Сепак, суфицит од 1,7 милион евра е далеку од 100 милиони евра колку што е потребно да се исплатат земјоделците, а последниот обид за задолжување според планираните аукции на државни записи беше многу под очекувањата на Министерството за финансии.

Наместо очекуваните 10,1 милион евра за понудените 12 месечни записи, владата прибра само 1,8 милион. Има само уште една аукција до крајот на месецот, на 16 мај, на која владата планира да се задолжи за 7,4 милиони за 12 месечни записи и 3,2 милиона за две годишни обврзници.

Ние новинарите, што следиме реализација на буџет со години, знаеме дека при поголеми исплати како што се субвенциите, не се доволни само тековните приливи од приходи бидејќи во тој месец едноставно не е можно приливите од даноци одеднаш да скокнат колку што изнесува сумата за субвенции.

За такви исплати, министрите за финансии порано темпираа исплатата да се совпадне со исплата на дивидендата од Телеком кога беше повисока (кога државата имаше поголемо учество во сопственичкиот капитал), или во тој месец се користи простор од планираниот дефицит соодветно на потребите за исплата за таа намена.

Планираниот дефицит е задолжување на владата за она што е предвидено како трошок над планираните прибрани приходи. Некојпат за таа намена се користат средства исто така планирани за финансирање на буџетскиот дефицит, но не од задолжувањето дома со планираните аукции, туку со претходно задолжување преку еврообврзница. Ако е тоа случај, министерот треба да соопшти од каде ќе најде пари бидејќи штурата изјава дека буџетот е ликвиден не е ни приближно транспарентна и соодветна на јавниот интерес за тој процес.

За цела година Владата планира да се задолжи за 303 милиони евра, но јасно е дека со новата влада ќе има поинаков план за трошење и се очекува нов буџет, поточно ребаланс. Досегашното поведение на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека тие не се согласни на мирно примопредавање на власта, а последните потези на Иванов потврдуваат дека тој до крај, наместо на Уставот, ќе слугува на приватните желби на Груевски. Треба да се каже дека таквото сценарио е едноставно осудено на неуспех.

Евентуалната намера на ДПМНЕ да ги држи под окупација институциите по формирањето на новата влада и да не дозволи примопредавање, како што се обиде да направи со Парламентот, може да трае ден – два. Ако странскиот фактор ја признае владата формирана од сегашното парламентарно мнозинство, со или без амин на Иванов, банките веќе нема да имаат аргумент да ја финансираат институцијата Министерство за финансии запоседната од ДПМНЕ, а тоа ќе значи крај за редовна исплата на плати и нормална реализација на буџетот.

Банките се обврзани пред своите акционери да управуваат со парите на тој начин што би ги пласирале само во најсигурни записи кои не претставуваат никаков ризик за враќање на средствата. Дури и да сака некој менаџер на банка во Македонија да ја финансира таквата непризнаена техничка влада, ќе биде оневозможен од законските и банкарските прописи, така што ден по формирањето на новата влада, крај е за финансирање на дефицитот и за авантурите на Груевски и неговите следбеници.

Па дури и да сака таквата институција да се потпре само на приходите кои, се разбира, нема да бидат доволни за зацртаниот план, ризикува да се соочи со граѓанска непослушност на приватниот сектор кој би имал силен аргумент да не плаќа даноци на непризнаена техничка влада.

Така што маневарскиот простор на Груевски да го држи насила премиерското место и да излегува со изјави за владини активности како вчерашната, зборува само за неговата внатрешна состојба која нема многу врска со реалноста.

Поврзани новости