АРХИВА Субрата Рој во притвор, госпоѓа Рој во Македонија!

by fokus

Текстот е објавен на 18 јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 980

Сосема легитимно е прашањето: дали на овој начин, преку добивање македонско државјанство, Субрата Рој сака да си ги заштити фамилијата и парите, а нашите државни органи го дозволуваат тоа заштитувајќи се под маската дека имаме посебен национален интерес од невидени инвестиции?! Јасно дека во ситуација каква што е, Субрата Рој ги користи сите можни механизми за да ги спречи индиските органи да трагаат по црните пари што ги контролираат неговата сопруга и синот. Но, она што е нејасно е: зошто македонската власт го дозволува тоа?!

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Госпоѓата Свапна Рој е претседател на две компании – Сахара Мускан и компанијата Сахара за благосостојба во општеството.Таа е доктор на науки и има 15-годишно искуство во индустријата за недвижности. Воедно е сопруга на бизнисменот Субрата Рој и, од пред извесно време, државјанин на Република Македонија.

Што е она што госпоѓата Рој го постигнала за да стане рамноправен македонски граѓанин и државјанин? Законот вели дека е потребен посебен придонес во рамките на културата, спортот, науката, економијата… Од она што го знаеме, госпоѓата Рој нема дадено некој исклучителен придонес во македонскиот развој на спортот, културата, економијата или науката.

Но, очигледно има нешто што не го знаеме, па оттука и сомнежот дека македонското државјанство се наплатува, не преку инвестиции, туку преку создавање плодна почва за црни пари.

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ИМА, ИНВЕСТИЦИИ НЕМА

Голем број бизнисмени и вработени во индиски компании бараат македонско државјанство и тука нема ништо спорно. Ваков бил одговорот што го добил магазинот „Мани лајф“ кога се обратил до маркетинг-секторот на Сахара груп, компанијата на Субрата Рој, со прашање дали навистина семејството на индискиот бизнисмен се откажува од индиското државјанство. Со оглед на тоа што Индија не дозволува двојно државјанство, сега синот и сопругата на Субрата немаат друго државјанство освен македонско.

Факт е дека македонското државјанство е едно од најевтините во споредба со државите кои нудат државјанство во замена за инвестиции. Но, со оглед на тоа што многу индиски бизнисмени бараат државјанство од друга држава, во контекст се доведуваат владините напори за изнесување црни пари“, пишува магазинот за финансии.

Инаку, во 2012 година Владата го измени Законот за странци со цел да привлекува странски капитал. Па, така, со измените, државјанство може да добие секој што ќе инвестира најмалку 400.000 евра и што ќе вработи најмалку 10 лица. Ова се однесува на сите инвеститори, освен на оние што се занимаваат со угостителство и трговија.

Освен ова, странците, кои ќе купат имот од над 40.000 евра, имаат право за престој во Македонија една година.

Со ова, Македонија, според познавачите, станува рај за одредени бизнисмени, кои сакаат парите од родната држава да ги изнесат надвор и притоа да не одговараат, повикувајќи се на македонското државјанство што го добиле.

Но, тука има една мала финта која очигледно не им е позната на странските медиуми, а тоа е фактот што семејството на Субрата има добиено државјанство врз основа на член 11 од Законот за државјанство, а не врз основа на уредбата која овозможува странците да добијат пасош ако инвестираат минимум 400.000 евра и ако вработат најмалку десетмина. Тоа значи дека државата ќе има некаков особен научен, економски, културен, спортски или друг интерес од тоа што Субрата-јуниор и Свапна Рој, меѓу другото, ќе добијат дури и право на глас во земјава!

Но, со добивањето државјанство според овој член од Законот, се отвора уште едно, многу поважно прашање – зошто, ако навистина инвестициите на Субрата Рој беа реални, на неговото семејство не му се даде државјанство врз основа на инвестиции и вработувања, туку врз основа на национален интерес?!

Кога сме кај националниот интерес, не е лошо да се спомене дека Субрата Рој е во притвор од февруари годинава поради проблемите што ги има неговата компанија со индиската Комисија за хартии од вредност (СЕБИ), којашто го обвини за парабанкарство, односно за тоа дека надвор од банкарскиот систем собирал ситни депозити од околу 30 милиони Индијци. Комисијата во неколку наврати бараше тој да им ги врати парите на „штедачите“, меѓутоа Субрата тоа не го стори.

Оттаму, сосема легитимно е прашањето дали на овој начин, преку добивање македонско државјанство, Субрата Рој сака да си ги заштити фамилијата и парите, а нашите државни органи го дозволуваат тоа заштитувајќи се со маската дека имаме посебен национален интерес од невидени инвестиции?!

Сосема е јасно дека во ситуација во каква што е, Субрата Рој ги користи сите можни механизми за да ги спречи индиските органи да трагаат по црните пари што ги контролираат неговата сопруга и синот. Но, она што е нејасно е зошто македонската власт го дозволува тоа?

ЗНАЕ ЛИ ГОСПОЃА РОЈ ДА СТИГНЕ ДО МАКЕДОНИЈА?

Хотелот „Славија“, кој работеше успешно во текот на целата година, му се продаде на контроверзниот Субрата Рој: денес на таблата пред хотелот стои знакот на „Сахара груп“, хотелот е затворен и не работи. Сѐ што засега се одвива е делење државјанства на семејството на контроверзниот бизнисмен.

20 луѓе останаа без работа, 20 семејства останаа без леб, а Субрата Рој заврши во затвор во неговата земја за финансиски малверзации. Каде исчезнаа ветените луксузни хотели од познатите хотелски синџири? Каде исчезна ревитализацијата на Студенчишкото блато? Каде исчезна ветената сообраќајница од мостот до Горица? Каде исчезна аеродромот на вода? Каде исчезна туристичкиот комплекс во Љубаништа? Зошто охриѓани останаа без болница и соодветна здравствена заштита цели 3 години?“, изјави во април годинава претседателот на Општинската организација на СДСМ во Охрид, Томислав Тунтев.

Очигледно, Македонија нема некои придобивки од измените во Законот за странци, а во случајов ниту од членот 11 од Законот за државјанство. Кој и закон да го свртиме, видливи инвестиции нема, туку само испишани табли на кои стои името на компанијата на Субрата Рој. Впрочем, човекот сега очигледно има многу поголеми маки од тоа да инвестира во Македонија.

Иако од Сахара-груп во неколку наврати најавија дека нема да има никакви промени во инвестирањето во Македонија, засега конкретно нешто се само државјанствата што ги добија синот и сопругата на индискиот бизнисмен.

За тоа, врз каква основа им се дадени државјанствата на Свапна и Сушанто Рој, од Владата не добивме прецизен одговор.

Можам само да ви кажам дека беа исполнети условите од член 11 од Законот за државјанство“, ни изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој појасни дека Владата го има крајниот збор кога станува збор за доделување државјанство врз основа на овој член од законот.

Владата одлучува, но сето тоа се прави по претходно прибавено мислење од повеќе институции, зависно за што станува збор. Мислење се добива од МВР, понекогаш и од Министерството за финансии, Агенцијата за млади и спорт итн. Врз основа на сите мислења, Владата на седница носи одлука. Во конкретниот случај, исполнети беа сите законски предвидени услови“, рече Ѓорѓиев.

Од она што може да се види од известувањата во медиумите, на македонска почва госпоѓата Рој има стапнато еднаш, во 2012 година.

Делегацијата од индиската компанија ’Сахара груп‘, предводена од сопругата на сопственикот на компанијата Рој, Свапна Рој, престојува во петдневна посета на Охрид. Делегацијата ја сочинуваат 45 бизнисмени, меѓу кои и осум извршни директори од компанијата. Целта е подетално да ги анализираат потенцијалите за инвестирање и делегацијата да обезбеди технички информации за можностите за инвестирање, по најавата од страна на сопственикот на компанијата Субрата Рој пред две недели, кој најави дека планира голема инвестиција во Македонија“, објавија тогаш провладините медиуми.

Не знаеме каде е сега госпоѓата Рој и дали планира да дојде повторно во Македонија кај нејзините содржавјани, но чисто се сомневам дека воопшто го знае патот до нашата држава.

СПОРТИСТИ, ГЛУМЦИ… И РОЈ!

Да му се даде државјанство на лице од кое земјата има интерес, не е новина во светот. Но, во случајов, Субрата Рој нема македонско државјанство. Имаат неговиот син и сопругата, па оттаму нејасно останува каков ли национален интерес има Македонија од Свапна и од Сушанто Рој?

Досега, според податоците од МВР, македонски државјанства, според член 11 од Законот за државјанство, имаат добиено околу 250 лица. Еден од нив е и познатиот хрватски актер со српско потекло, Раде Шербеџија, кој стана Македонец пред неколку месеци. Минатата година тој се пријавил за македонско државјанство, а годинава барањето му било прифатено. Шербеџија, покрај хрватскиот поседува и словенечки пасош, а сега и македонски. Тој добро го зборува македонскиот јазик и вели дека го учел неговиот пријател, режисерот Милчо Манчевски.

Од другите лица, кои добија македонско државјанство според членот 11, најголемиот број се спортисти кои, играјќи за Македонија, постигнаа значајни успеси на натпреварувањата во фудбал, кошарка, ракомет, ватерполо и борење.

Минатата година македонски државјанства добија ракометарите Ренато Вугринец и Немања Прибак.

„Врз основа на законската процедура и член 11 од Законот за државјанство, Владата одлучи Ренато Вугринец и Немања Прибак да бидат примени во државјанство на Република Македонија. Сите надлежни институции дадоа позитивни мислења и одлуката е веќе донесена“, изјави лани во декември владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Државјанството им беше дадено откако се отвори шансата двајцата ракометари да настапуваат за Македонија, а услов за тоа е да имаат државјанство на Република Македонија.

Медиумите пред неколку месеци објавија дека, во моментов, во тек е постапка за прием во државјанство на 1.208 лица од особен национален и економски интерес.

Мора да се признае дека во сето ова имињата на Субрата-јуниор и на Свапна малку стрчат?! Дотолку повеќе, што ни Владата не дава конкретен одговор за националниот интерес што го имаат Свапна и Сушанто за Македонија?

ДУПКА ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Романија е првата земја која почна да нуди државјанство за инвестиции и имаше иницијатива дури и пред економската криза да го погоди регионот, пишува порталот „Сетајмс“.

Според порталот, романско државјанство може да се добие, на барање, ако едно лице живее во земјата легално најмалку осум години или е во брак со романски државјанин најмалку 5 години. Условите се преполовуваат доколку барателот е познато меѓународно лице или е инвеститор. Во 2009 година, Сенатот усвои предлог од Тони Гребла, шеф на правната комисија на оваа земја, да се намали износот потребен да се инвестира во Романија на 1 милион евра, наспроти износот од 5 милиони евра, предложен од страна на Владата.

Во Австрија, пак, заинтересираниот бизнисмен ќе треба да вложи најмалку шест милиони евра во бизнис во оваа земја-членка на ЕУ или, пак, да донира два милиона евра во некоја австриска хуманитарна организација, за да може да аплицира за добивање државјанство.

Канада, пак, бара инвестиција од најмалку 800.000 канадски долари во период од пет години, како и поседување капитал од 1,6 милион канадски долари. Инвеститорот и членовите на неговото семејство добиваат дозвола за постојан престој, а по три години престој можност и за канадско државјанство.

Во Албанија, Владата усвои закон за државјанство и за натурализација на странци во случаи кога „Албанија има научен, економски и културен интерес“. Според законот, секое лице, што ќе инвестира повеќе од 147.000 евра во земјата, ќе добие пасош.

„Сетајмс“ пишува дека, наспроти предлагачите на новите закони, некои остануваат скептични, плашејќи се дека законите ќе создадат дупка за терористите и криминалците.

Тоа е мала сума пари, говорејќи во релативна смисла, за една терористичка организација, која може да ги искористи територијата, нејзините можности и простори, што ќе им овозможи на нејзините членови да добијат албанско државјанство“, изјавил Илир Ѓони, пратеник на Социјалистичката партија за албанската телевизија „Скрин“.

Оваа практика беше прекината во 2010 година во Црна Гора, откако соборениот премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра, доби државјанство и покрај обвиненијата за корупција со кои се соочи во неговата родна земја.

Но, и покрај сето ова, Македонија не се откажува. Неофицијалните податоци говорат дека интересот за добивање македонско државјанство врз основа на инвестиции е премногу мал за Македонија. Сите играат на картата „национален интерес“ од Законот за државјанство, што зависи само од добрата волја на владините инстанци. А во случајот со Субрата Рој, очигледно дека добрата волја ги надмина сите граници на национален, спортски, научен и културен интерес!

Во согласност со Законот за државјанство!

Членот 11 од Законот за државјанство предвидува дека странец може со природување да стекне државјанство на Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Владата на Република Македонија со уредба ќе ги утврди критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство во смисла на став 1 од овој член. Владата на Република Македонија дава мислење за постоење на особениот интерес во смисла на став 1 на овој член. Покрај странецот од став 1 на овој член, со природување може да стекне државјанство на Македонија и неговиот брачен другар под условите од член 9 на овој закон.

Членот 9, пак, се однесува на тоа дека странец, кој е во брак со македонски државјанин најмалку три години и кој до поднесувањето на барањето непрекинато престојува во Македонија најмалку една година, може да се стекне со државјанство. Истото се однесува и на странец кој е во брак со македонски државјанин најмалку 8 години, а живее во странство, но има „цврста и ефективна поврзаност“ со Македонија.

Според ова, може да се очекува дека дури и Субрата Рој може да добие македонско државјанство, со оглед на тоа што е во брак со, сега, македонска државјанка, а во брак се повеќе од 8 години. Оној вториот дел, „цврстата и ефективна поврзаност“ со Македонија, воопшто нема да му биде тешко да го докаже. Доволно ќе биде само да ги презентира фотографиите од прегратките со министерот за финансии Зоран Ставрески!

Лица од Турција, Индија, Русија, САД и Црна Гора годинава добиле македонски пасоши

Во 2013 година 21 лице добиле македонско државјанство по член 11 од Законот за државјанство, информира Иво Котевски, портпарол на МВР.

Од економски интерес во 2013 година македонско државјанство добиле 8 лица, додека останатите лица се од спортски и културен интерес.

Во текот на годинава, пак, 16 лица добиле македонски пасоши според истиот член од законот, од кои 4 биле од економски интерес, а останатите лица се од спортски и културен интерес согласно Уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство на Република Македонија.

Апликантите кои се стекнале со државјанство на Македонија од економски интерес се  државјани на Турција, Индија, Русија, САД и Црна Гора.

Поврзани новости