Во рамки на програмата „Борба со лажни вести и наративи“, Граѓанската Асоцијација МОСТ вчера презентира студијата за руската пропаганда, влијание и дезинформации „Една година од руската агресија врз Украина“. Студијата е работена во текот на 2022 и 2023, а се однесува на периодот март 2022 – февруари 2023.
Според еден од авторите на студијата Росана Алексоска, руската пропаганда, влијание и дезинформации во Северна Македонија се со голем обем, повеќеканални, повторувачки и без објективност.
„Студијата дополнително потврдува дека руските операции за влијание имаат за цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и медиумите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните“, додаде таа.
Студијата открива масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Северна Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари од регионот па и пошироко кои се руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано масовно ширење на содржините на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура.
Според Алексоска, руското влијание во Северна Македонија исто така е во согласност со концептот на „остра моќ“ (sharp power), особено преку промовирањето на Словенско-православното братство и користењето на црквата. Руското влијание го вовлекува населението во овој концепт и имплицира дека немаме ништо заедничко со западниот свет – што не е точно. Ова е еден од начините преку кој се поттикнува отпор кон Европската Унија и НАТО. Овој наратив беше промовиран преку посети на верски личности и заеднички верски служби, што претставува совршен пример за информациска операција.
Алексоска упати порака и до медиумите – треба да бидат свесни дека зборовите се оружје во рацете на Кремљ за ширење дезинформации.
Употребата на правилен јазик и фрази кога се известува за војната претставува суштинска карактеристика во спротивставувањето на пропагандата, влијанието и дезинформациите. Се чини дека голем број портали едноставно ги пренесуваат руските функционери или медиумите контролирани од Русија, и покрај тоа што тие најчесто лажат.
Со ова медиумите ги поддржуваат руските напори и ги засилуваат пораките кои користат фрази и јазик што создаваат заблуди и погрешни перцепции кои придонесуваат руските наративи и пропаганда да бидат подопадливи од една страна, а публиката поподложна на истите од друга страна – додаде Алексоска.
Лажните тврдења дека Западот е главниот непријател на словенскиот и православниот свет добија многу интеракции, со тоа што ги таргетираа емотивно наелектризираните религиозни и перципирани културни врски меѓу Северна Македонија и Русија и ја искористуваа комплексната мултиетничка историја на регионот. Ваквите наративи предизвикуваат поделба во мултиетничка Северна Македонија и на Балканот воопшто, се вели во студијата.
Според Алексоска, студијата покажува постоење на добро развиени и координирани мрежи на Фејсбук, кои ги засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации. Овие мрежи прокламираат екстремно десничарска и националистичка идеологија, со што придонесуваат за промовирање на националистичка, ксенофобична и нелиберална содржина која создава поделби. Ваквото координирано масовно ширење ги манипулира алгоритмите на социјалните медиуми и може да придонесе за ситуација во која наративите се искачуваат повисоко на општествената агенда, а во одредени случаи допираат дури и до меинстрим медиумите, посочи Алексоска.
Еден од таквите случаи претставен во студијата е чеченскиот лидер Кадиров, чии изјави беа присутни во целиот анализиран период. Пренесувањето на Кадиров може да зборува и за аспектот на понудата и побарувачката во медиумскиот простор во Северна Македонија, што претставува многу голем проблем и предизвик за општеството. Беа забележани и други случаи на масовна дисеминација кои особено ги амплифицираа пораките на рускиот амбасадор во Северна Македонија, Баздникин, и српскиот претседател Вучиќ, додава Алексоска.
Се чини дека Србија со нејзиниот претседател Вучиќ е вистински руски сојузник во регионот и ги засилува руските дезинформациски наративи и манипулации со информации, при што српските провладини и проруски медиуми/портали служат како извори на такви дезинформации, кои ги преземаат од медиуми контролирани од руската држава, истакна Алексоска.
На ова општество му е неопходен сеопфатен меѓу-секторски пристап во промоцијата и одбрана на демократските вредности за на граѓаните да им се приближи концептот дека Северна Македонија е членка на НАТО а со тоа местото и припадноста и е со западниот, демократски и слободен свет. А под меѓу-секторски мислам на политика, приватен сектор, медиуми, граѓанско општество и академија, заклучи Алексоска.
На крајот на презентацијата, Алексоска упати препораки за поефикасно справување со руски дезинформации.
На прашање од Петрит Сарачини, раководител на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, за тоа кои се клучните актери во земјава кои се ставени во функција на руската пропаганда и дезинформации, Алексоска одговори дека во државата има домашни актери кои го засилуваат руското влијание, и дека во студијата има и каталог на наративи и случаи, во коишто можат да се видат и домашните актери:
„Сега, на оваа прес-конференција целта беше да испратиме една порака до сите, колку е важно и колку е итно сите заедно од сите сектори во општеството да се спротиставиме на оваа руска пропаганда, влијание и дезинформации“, рече Алексовска.
Целата студија може да се најде на следниот линк .