Студентскиот лидер: Ќе бараме дополнителни испитни сесии, студентите да не чувствуват притисок

by fokus

Организирањето на испитната сесија на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е флексибилно и е оставено професорите да одлучат кога може испитот да биде онлајн, а кога е неопходно физичко присуство на студентите, вели за МИА претседателот на студентското собрание Борјан Ефтимов.

„Факултетите и професорите, кои најдобро ја знаат природата на материјата што ја предаваат, одлучуваат дали испитот ќе се одвива онлајн или со физичко присуство. За начинот и времето на реализацијата со сесијата, се разбира, факултетите се консултираат со факултетските студентски собранија. На ист факултет може да има различни начини за различни предмети. Различните предмети подразибраат и различни методи на проверка на знаењето, така што возможно е студентите во испитната сесија некои предмети да ги полагаат онлајн, а некои со физичко присуство“, вели Ефтимов.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание, кој е четврта година на Правниот факултет, лично смета дека секој метод на проверка на знаењето има свои добри и лоши страни и дека „хибридна сесија“ е најсоодветно решение.

„Постојат многу различни предмети и методи, па затоа сметам дека најсоодветно решение е хибридна сесија која ќе се обиде да го извади најдоброто од двата света. Таму каде што има реални можности за објективна проверка на заењето преку онлајн-испити, сметам дека треба да се применат, меѓутоа таму каде што професорот ќе процени дека во моментов нема соодветно онлајн-решение, треба да се полага со физичко присуство, притоа почитувајќи ги протоколите“, вели студентскиот лидер.

На студентите кои нема да можат да полагаат оваа испитна сесија, тој им порача дека нема да бидат оштетени зашто Универзитетското студентско собрание ќе бара, а очекува и дека ќе издејствува, продолжување на роковите и организирање дополнителни испитни сесии по септемвриската испитна сесија.

„Студентите не треба да чувствуваат притисок да полагаат во оваа испитна сесија. Во овие моменти најважно е физичкото и психичкото здравје на студентите. Сесии ќе има доволно, роковите ќе бидат максимално флексибилни“, вели Ефтимов.

Поврзани новости