Студентскиот пленум реагираше со соопштение на најавата на премиерот Груевски за „наградни патувања“ за студентите кои оствариле просек повисок од 9,50. Пленумот смета дека на овој начин Владата се обидува да ги поткупи студентите за да заборават на реалните проблеми, наместо да работи на подигнување на студентскиот стандард.
-Студентски пленум изразува незадоволство од методот и начинот на кој Владата се обидува да ги поткупи студентите, за да заборават на проблемите и условите во студентски домови. Премиерот Никола Груевски треба да знае дека, откако студентите со просек над 9.50 ќе ја искористат неговата мерка, која веројатно во главите на министрите и на него самиот е некаква стимулативна мерка за повеќе труд и учење, ќе се вратат во брутално лошите студентски домови, каде дури и животите им се понекогаш во опасност, стои во реакцијата.
Студентскиот пленум го потсети премиерот дека македонските студентски домови за светската јавност се олицетворение на хоророт и сјајот на бедата, што, како што велат студентите, е недозволиво. Исто така, тие побараа дневно-политичките поткусурувања и популистички мерки, кои никому не му носат добро, да се тргнат од образованието и студентскиот стандард и конечно Владата да покаже реален интерес за решавањето на горливите проблеми.
-Решението не е во таблетите и патувањата во Париз и Лондон, туку во реновирањето на сите студентски домови, кревање на студентскиот стандард, бенефиции за студентите и развивање на квалитетно образование, кое нема да биде задушено од парцијални дневно политички „реформи“, порачаа од Студенсткиот пленум.