-Оваа Влада повеќе не е легитимна и студентите едногласно изгласаа излегување од работните групи за Законот за високо образование и прекинување секаква соработка со Министерството за образование и наука, соопштија денеска од Студентскиот пленум.
Студентите оваа одлука ја донеле вчера на генерален пленум, откако по крахирањето на политичките процеси и демократските вредности во земјата се зголемиле нивните сомнежи за капацитетот на Владата и нејзините добри намери.
-Студентскиот пленум верува дека единствениот начин сега е изразување на револт на мирен начин и масовно. Затоа ги повикуваме сите заедно, да излеземе на мирни протести, да бидеме разумни и да не потпаѓаме под туѓи провокации. Студентскиот пленум верува дека иднината е во заедништвото а не во делбите. Тие неколку пати веќе ги навредија студентите и Студентскиот пленум реши да отстапи од овие преговори во знак на револт, порачаат од Пленумот.
Тие изразија сочувство до семејствата на загинатите полицајци во акцијата во Куманово и се надеваат дека такво нешто никогаш нема да се повтори.