По усвојување на предлогот за државен испит на владина седница, Студентски пленум останува на својот став дека предлог законот за државен испит треба да се повлече. Не навлегува во техничките аспекти на концептот заради тоа што првично е противуставен самиот предлог. За да ја потврдат противуставноста на мерката, изработија сеопфатна анализа во која аргументираат како автономијата на Универзитетот би станала имагинарна појава.
„Според нашите истражувања, испитување во оваа форма не е случај никаде во Европа. Владата до сега не даде одговор ниту на прашањето како државниот испит би го подобрило образованието? Дека со оваа мерка универзитетите ја губат автономијата кажаа 10 000 студенти. После првиот допис што го добивме од Министерството за образование и наука , против државен испит се изјаснија сите факултети и институти при УКИМ. После официјалниот предлог-закон се изјаснија против и голем дел од Универзитетите во РМ. Највисоко рангираните Универзитети: УКИМ, ДУТ, УГД, ФОН, Европски Универзитет рекоа НЕ. Академската заедница, домашна и меѓународна, исто така изразија поддршка за Студентскиот пленум и чудење за апсурдноста на оваа мерка. Само власта останува глува и нема“- реагираат студентите.
Тие се навредени од објавениот став на Владата дека две години се дебатирало јавно за проектот.
„Да не мислат на онаа јавна мобилна дебата којашто се одржа во МОН зад затворени врати? Бидејќи на истата таа дебата не беа повикани сите професори, декани, ректори, а камоли студенти. Можеби реферираат на расправите со СПУКМ, парламент од членови со истечен мандат што го прави истиот нелегитимен? Или мислат на денешната седница на Влада кадешто си го усвоија предлог-законот и го ставаат на дневен ред во Собрание? Студентите испратија јасна порака во аргументацијата којашто Министерството не се ни осуди да ја погледне. Бидејќи, ако ја прочитаа, сметам дека тие како академски граѓани, дипломци и магистри би разбрале што сакаат да кажат студентите“- велат од Студентскиот пленум.