Студентскиот пленум вчера ја извојува својата прва битка против владините образовни политики. Владата и Министерството за образование беа приморани да признаат дека законoт што е менуван 16 пати од 2008 година ја губи својата комплементарност, спроведливост, суштина и создава правна несигурност, стои во соопштението што Студентскиот пленум го објави денеска.
Понатаму се додава дека ова е првпат во историјата на Македонија, но и на регионот, студенти и професори да учествуваат директно во процес на пишување закон за студенти и професори. Како што велат пленумци, секое прашање кое е проблем во образованието, ќе биде отворено.
Но, сепак тие се претпазливи поучени од претходни искуства и свесни за политичките околности. Порачуваат дека ниеден фронт не е затворен и дека политиката им припаѓа на граѓаните.
-Сепак, поучени од претходни искуства и свесни за политичките околности, знаеме дека авторитетите со кои преговаравме знаат да бидат превртливи и празни. Затоа порачуваме: заборавете дека политиките за високо образование ќе се носат без нас. Ние ќе следиме будно. Одбиваме да бидеме изманипулирани. Не сакаме одолговлекувања. Не сакаме лажни ветувања. Не се плашиме повторно да излеземе на улиците, се вели во соопштението.
Обраќањето до јавноста, пленумци го завршуваат со порака дека се борат и за идните генерации студенти и им порачуваат на сите граѓани да се разбудат:
„И за крај, ова за што ние се бориме е нашето наследство за идните генерации студенти. Нашите генерации ќе останат генерациите што плаќале за студентските лидери да си седат удобно во претседателските фотелји, за во трошните соби во студентските домови студенти да мрзнат без греење и топла вода, плаќале за да немаат можност да истражуваат, да патуваат, плаќале за да си ја врамат на крај дипломата на ѕид, и да гледаат како секој ден се фрла под черга академијата, а јавниот дискурс е задушен од зборовите на необразованите. Она за што ние се бориме е за сето ова полека да почне да се менува.
За сето ова, и за сѐ што е гнило, студенти, граѓани, разбудете се!
Ниеден фронт не е затворен!“