Студентски отпор: Притисоци и закани кон студентите на филозофскиот факултет поради политичките превирања за избор на нов декан

by Fokus

Огромен притисок врз студентите вршат професорите во пресрет на изборите за претседател и членови на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот Факултет, информираат од Студентски отпор.

Оттаму велат дека започнати се меѓупрофесорски превирања со политички позадини за тоа кој ќе биде нов декан.

„Штета од овие политички превирања во професорските кругови за тоа „кој ќе го добие престолот” ја трпат студентите. Ве известуваме дека во овие денови се нарушува студентската автономија затоа што професори и од едниот и од другиот „тим” во оваа нивна политичка битка вршат притисоци врз студенти за избор на овој или оној кандидат за претседател на Факултетското собрание, надевајќи се дека тој кандидат ќе им донесе глас повеќе при изборот на нов декан на Филозофскиот факултет“ се вели во соопштението.

Ваквите игри, како што велат, не само што ја нарушуваат студентската автономија која е загарантирана, туку и сериозно го поткопуваат и нарушуваат кредибилитетот на УКИМ како најстар универзитет во Македонија.

Апелираат до студентите на Филозофски факултет доколку почуствуваат закани, притисоци од професорите да се обратат до Студентски Отпор, а при изборите да гласаат по сопствена волја.

Поврзани новости