Студентите кои протестираат во Србија упатија јавно писмо до верските заедници, барајќи поддршка за мирниот протест што ќе се одржи на 15 март во Белград. Тие се обратија до Српската православна црква, Римокатоличката црква, Исламската заедница, протестантските цркви и другите верски лидери, истакнувајќи дека нивната борба не е политичка, туку општествена – за вистина, правда и побезбедна иднина.
Во писмото, студентите нагласуваат дека трагедијата во Нови Сад, при која загинаа 15 лица по уривањето на настрешница, е потсетник за потребата од заедничка акција. Тие ја повикаа верската заедница да им се придружи во протестот и да ја поддржи нивната заложба за промени.
„Свесни сме дека религијата не припаѓа на ниту една политичка партија, како што и нашата борба не е партиска. Не ве повикуваме да избирате страни, туку да го правите она што го налага вашата мисија – да застанете со народот и да ги заштитите младите,“ се вели во писмото.
Студентите истакнаа дека нивната цел не е уништување, туку градење – мостови, доверба и поправедно општество. Тие изразија надеж дека на 15 март ќе чекорат заедно со народот, обединети во мир и хармонија.
Во меѓувреме, десетици полицајци со полна опрема за разбивање демонстрации од доцна попладне се распоредени пред и во Пионирски парк во Белград.
Во главниот град на Србија вечерва пристигнуваат групи студенти и активисти кои веќе неколку дена пешки од повеќе градови во Србија пешачат кон Белград за да учествуваат на протестот закажан за утре, а белградските студенти кои се на блокада им организираа пречек на Теразије.